Македонија
10. January 2018 - 16:23

Сопственикот на запалениот кафе бар во Прилеп обвинува дека му барале рекет

Иако подметнувачот на пожарот во елитниот Кафе-бар во центарот на Прилеп „Галери хаус паб“ веќе една недела е во притвор, сопственикот на локалот, Бисерко Тркља, дури денеска обзнани оти, според него, станувало збор за класичен рекет и изнуда.

Ова тврдење тој го поткрепи со телефонските разговори кои го имал со потпалувачот десетина часа пред да биде подметнат пожарот, а во кои потпалувачот, заканувајќи му се дека ќе го запали, го информирал и дека зад него стоеле  20-25 моќни луѓе кои му го чувале грбот. Освен ова, Тркља крајно е револтиран и од, како што рече, ноншалантноста на прилепското Обвинителство при водењето на случајот.

Инаку, лицето кое го подметна пожарот, пред неколку години, без посебна причина, ги искрши и стаклата на новата општинска зграда, за што беше само условно осуден, како психички лабилна и непресметлива личност.

И покрај ова, сопственикот на изгорениот локал не сака да верува дека станува збор за лице кое и не е баш пресметливо и затоа бара максимална сериозност од обвинителството, а делото да биде квалификувано како рекетирање.

Пожарот беше подметнат на 31. декември во 3.30 часот. Причинетата штета првично се проценува на над 200.000 евра. Во изминатите десетина години вакви случаи во Прилеп не се регистрирани.