Македонија
13. October 2015 - 16:53

Пироман запали 11 возила во Куманово

На четири локации во Куманово ноќеска околу полноќ се опожарени 11 патнички моторни возила. Осомничениот е приведен откако го запалил последното возило во кругот на кумановската болница. Неговиот идентитет полицијата се уште не го открива заради интерес на истрагата. И мотивите се уште се утврдуваат, велат од СВР Куманово.

-Повеќе возила целосно се изгорени, а има дел од возила кои што имаат поголема материјална штета,  а има дел кои што имаат помала материјална штета, изјави Валентина Николовска, портпарол на СВР Куманово

Опожарувањето на автомобилите е направено со отворен оган, запалка или кибрит. Според Николовска, меѓу оштетните возила две се сопственост на полициски службеници, но смета дека тие биле случаен избор, како и останатите. Се прегледуваат и снимките од видео надзорот за да се утврди дали осомниченото лице било само или во придружба на други лица.

Приведениот веќе е предаден на Јавното обвинителство во Куманово, каде што треба да се оквалификува делото кое го сторил кумановецот.