Македонија
25. December 2017 - 16:31
Влада: Ставот на Анѓушев е личен
Решавањето на името е надворешно, но и внатрешно прашање на Република Македонија. Тоа е поврзано и со економијата, бидејќи за економски просперитет, покрај економски мерки мора да има владеење на правото и стабилна политичка состојба, вели вицепремиерот Кочо Анѓушев во интервју за радио Канал 77.
Според, вицепремиерот стабилна политичка состојба значи Македонија да биде членка на ЕУ и НАТО, за што е неопходно решение и компромис за името. За Анѓушев кој било од досега спомнатите префикси е прифатлив.
,,Оваа Влада има капацитет и отвореност да разговара на оваа тема, гледаме дека има позитивни сигнали и меѓународната заедница, вклучително и од грчката страна. Она што сакам да го кажам е дека црвената линија која што не треба да се попушти е идентитетот, македонскиот идентитет, јазикот и т.н и дека за името треба да направиме една одредница којашто ќе биде интернационално прифатливо. Значи јас сум на мислење дека треба да се реши тоа прашање. Северна Горна или Нова македонија, тоа народот ќе си каже. За мене и Северна и Горна и Нова е прифатливо“, изјави Анѓушев.
Од владата велат дека се работи за личен став на вицепремиерот.
,,Вицепремиерот Анѓушев во спомнатото интервју во однос на спорот кој што го има Република Грција со името на нашата земја Република Македонија дава лично размислување и потенцира дека граѓаните сами ќе одлучат‘‘, одговрија од Владата.
Од владината служба потсетуваат дека преговорите, што се водат под покровителство на светската организација и медијаторот Нимиц, иако добиваат на интензитет во овој момент нема нов предлог кој би ја заменил постојната референца. Во меѓувреме владата на Република Македонија интензивно работи на градење на мерките на доверба со Република Грција, а сите отворени прашања е определена да ги решава по пат на дијалог.
Не е исклучено премиерот Заев да има шанса за нова година да го продолжи дијалогот и тоа со грчкиот колега Алексис Ципрас.
Заев ја прифати поканата на солунскиот градоначалник Бутарис, новогодишните празници да ги помине во Солун. При нивната средба во Скопје, Бутарис најави дека на прославата на Нова година ќе го покани и премиерот Ципрас. Дали грчкиот премиер новогодишната ноќ ќе ја помине во Солун со Бутарис и Заев ќе се знае кон крајот на оваа недела.
-

Валентин Николоски
Сите содржини од овој новинар
-->
-->
