Балкан
29. November 2017 - 20:26

Судири за време на електронска аукција на недвижности во Атина

Грчката полиција употреби солзавец за да растера десетици демонстранти, кои се обиделе да ја запрат електронската аукција на недвижности што денеска се спроведуваше во суд во Атина.

Електронската аукција на имоти кои се продаваат поради огромни долгови, беше прекината неколку месеци и продолжи денеска, и покрај противењето на движењето „Нема да платам“.

Во судирот со полицијата повредени се неколку лица, меѓу кои и лидерот на партијата Популарно единство Панајотис Лафазанис и членови на синдикатот ПАМЕ, кој е поврзан со Комунистичката партија на Грција.

Аукциите се еден од клучните елементи во преговорите со кредиторите за програмата за спас на Грција и се смета дека се од суштинско значење за банките кои треба да се справат со огромниот број лоши кредити.