Балкан
8. October 2015 - 21:13

Лагард: Без одржлив долг ММФ не може да помогне на Грција

Извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристин Лагард ја повика Грција за повеќе реформи и иницијативи во врска со грчкиот државен долг, пишува весникот „Имерисија“.

Грчкиот долг треба да стане одржлив, нашиот став не е променет, изјави Лагард, која се наоѓа во Перу за учество на средбата на фондот и Светска банка.

Лагард се заложи за понатамошни реформи во пензиско-осигурителниот систем на Грција и во начинот на управување на грчките банки.

Според извршниот директор на ММФ грчкиот долг не е одржлив. Таа нагласи дека ММФ е подготвен да помогне на Грција, додавајќи дека неопходни услови за фондот да може да одобри било каква помош за земјата е програмата за фискална консолидација да биде врзана со усвојувањето и спроведувањето на голем број реформи и со одржливоста на грчкиот долг.

Се очекува за овие и други прашања во рамки на средбата во Лима Кристин Лагард да разговара со грчкиот министер за финансии Евклидис Цакалотос.