Македонија
21. August 2017 - 15:27

„Савана“: Автобусот е релативно нов и ги исполнува сите стандарди

Автобусот кој синоќа изгуби контрола и излета од коловозот на автопатот Велес - Скопје е релативно нов и ги исполнува сите стандарди, информираат од туристичката агенција „Савана“, орагнизатор на летувањето на патниците кои се враќаа од Грција.

Комерцијалниот директор во „Савана“, Мирче Пешевски за МИА изјави дека автобусот е увезен пред околу три месеци и оти според моделот се работи за релативно ново возило.

Пешевски вели дека со превозникот „Бус травел“ соработуваат повеќе години и оти договорот со него не отстапува во ништо од останатите договори склучени со други превозници.

Тој изрази жалење за сообраќајната несреќа и нагласи дека како агенција им стојат на располагање на патниците. Според информациите со кои располага агенцијата, од тројцата патници згрижени во Велешката болница, двајца веќе се пуштени на домашно лекување, а за третиот во секој момент се чека да бидат завршени процедурите.

Посочи дека сите патници биле осигурани од самиот превозник и апелираше да се обратат до „Савана“ каде ќе им бидат дадени контакт телефони од осигурителната компанија за да може да ги остварат своите права согласно законот.

Во однос на личниот багаж на патниците од автобусот, Пешевски информира дека согласно процедурата за сите предмети од автобусот направен е попис и тие се пренесени во Полициската станица во Велес. 

Во сообраќајната несреќа загина 68-годишна жена, а 27 патници беа повредени.   

Основното јавно обвинителство во Велес денеска соопшти дека работи на утврдување на причините за несреќата. По наредба на јавниот обвинител, од возачот на автобусот е земен примерок на крв за анализа, а започнато е и прибирање на трагите пронајдени на лице место. Оттаму посочуваат дека се врши и вонреден трехнички преглед на возилото.