Бизнис
7. July 2015 - 13:08

МЖ Транспорт со нови возови од август

Следниот месец во Македонија ќе биде испорачан првиот од шесте патнички возови што за „Македонски железници Транспорт“ ад Скопје ги произведува кинеската компанија ЦРРЦ. Новата електромоторна патничка гарнитура денеска беше промовирана во фабриката на компанијата во градот Џуџо пред македонска делегација предводена од министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Возот е со три вагони со капацитет од 200 патници и можност за брзина до 160 километри на час, јави известувачот на МИА. Од ЦРРЦ, Македонија набавува уште една електромоторна и четири дизел гарнитури, кои според министерот Мисајловски, треба да пристигнат до јануари следната година.

Со проектот на Владата за обнова на возниот парк на железницата, укажа Мисајловски, Македонија првпат по осамостојувањето добива електричен и модерен воз.

- Граѓаните на Република Македонија ја даваат довербата на Никола Груевски и оваа Влада поради илјадници причини, а тие илјадници причини се проектите што се предвидени во програмата. Денеска имаме чест да го видиме и да се направи технички прием на првиот електричен воз што ќе го добие Македонија од нејзината самостојност. Станува збор за ултрамодерен воз кој ќе пристигне за еден месец во Македонија, изјави Мисајловски по промоцијата на возот.

Согласно планираното, додаде, продолжуваме со реализација на програмата. - Македонија ќе добие шест најмодерни возови. Македонските граѓани треба да бидат задоволни и да ги чувствуваат сите благодети од програмата на Владата, рече Мисајловски.

Според директорот на МЖ Транспорт Никола Костов, со новите возови се создаваат можности за зголемување на бројот на патници.

- Ќе сообраќаат на линиите Гевгелија - Скопје и Скопје - Битола, а ќе воведеме и нови деловни возови на релациите Тетово - Скопје, Куманово - Скопје и Велес - Скопје. Тоа значи дека можностите и капацитетот да го зголемиме бројот на патници во Македонија е огромен, изјави Костов.

Возовите, посочи, се со извонредни технички карактеристики и услови и ќе овозможат патниците да уживаат во патувањата. - Ги исполнуваат највисоките европски стандарди за безбедност. Сите овие возови претходно се прегледани од телата за сигурност и безбедност на Европската комисија со оглед на тоа што овој воз на компанијата ќе биде не само прв на македонскиот, туку и на европскиот пазар, рече Костов.

Генералниот директор на ЦРРЦ Џо Чинк истакна дека Македонија е многу важен пазар за оваа компанија поради геостратешката положба на Балканот. - Се надеваме дека во иднина ќе имаме и други проекти во вашата земја и во регионот и затоа вложивме многу труд и внимание во изработката на овој воз кој ги исполнува највисоките барани стандарди, изјави Чинк.

Новите патнички возови ќе имаат вкупен капацитет од 1.200 патници, што ќе покрива 60 проценти од линиите што ги одржува МЖ – Транспорт. Треба да бидат климатизирани, опремени со вакуум тоалети, да ги задоволуваат најстрогите мерки за енергетска ефикасност, да ги исполнуваат безбедносните стандарди, како и услови за превоз на лица со ограничено движење.

Според Костов, поради високите технички карактеристики на возовите пред нивно пуштање во сообраќај машиновозачи на МЖ Транспорт ќе бидат обучени од персонал на ЦРРЦ.

Набавката на возовите се врши со 25 милиони евра, дел од кредитот од Европската банка за обнова и развој наменет за обнова на возниот парк на МЖ Транспорт. Со 15 милиони евра од кредитот се финансираше и купувањето 150 товарни вагони за МЖ – Транспорт, а со 10 милиони евра обновата на постоечките локомотиви и гарнитури.

ЦРРЦ е најголем светски производители на локомотиви и вагони за превоз на патници и стока. Произведува и сервисира локомотиви и вагони за патници и за товар, мотори за возила и возила за градски превоз и соодветни компоненти, а ја има произведено и првата електрична локомотива во НР Кина.

Министерот Мисајловски   е во дводневна посета на Чангша и на Џуџо во провинцијата Хунан во НР Кина. Покрај со раководството на ЦРРЦ оствари средба и со гувернерката на  Хунан, Хуанг Линцианг.