Свет
7. April 2016 - 11:35

„Њујорк тајмс“: Депортирањето бегалци од Грција е кршење на меѓународното право

И покрај протестите на организациите за заштита на човековите права и предупредувањата на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР), Европската унија депортира луѓе од Грција во Турција согласно спогодбата со Анкара, која ја потпиша минатиот месец, пишува весникот „Њујорк тајмс“ во редакциска статија. 

Согласно договореното за секој незаконски влезен мигрант во Европа, кој ќе биде вратен во Турција, ЕУ треба да прими по еден регистриран сириски бегалец. 

Планот изобилува со сериозни проблеми поврзани со законите и со човековите права. УНХЦР информира дека нема доволно гаранции за заштита на луѓето. 

Според меѓународното, европското и турското право, бегалците не можат да бидат принудно испраќани во несигурна држава.

Организацијата Амнести интернешнл објави во петокот критичен извештај за злоупотреби во Турција, за задржување на групи мажи, жени и деца, кои се враќани во Сирија и за отварање оган кон очајни бегалци, кои се обидуваат повторно да влезат во Турција. 

„Њујорк тајмс“ го цитира директорот на АИ за Централна Европа и Азија, Џон Далхаузен, според кофо Турција не е безбедна за сириските бегалци и од ден на ден станува се понесигурна. 

- Истовремено условите во бегалските кампови во Турција се влошуваат. А откако ЕУ и вети милијарди евра на Турција во зделката за бегалците, за да и помогне на Анкара да се справи, не е јасно како ќе се спроведе контролата за подобрување на условите, имајќи го предвид се поавторитетното владеење на претседателот Ердоган, се нагласува во статијата. 

Според весникот, сериозни проблеми има и во Грција. - Минатиот месец Агенцијата на ОН за бегалци престана да им помага на грчките власти во центрите за регистрирање на бегалци. Грција нема капацитет да ги одработува барањата за азил на островите, ниту можност да ги сместува тие луѓе на места, кои ќе им понудат достојни и безбедни услови, додава „Њујорк тајмс“.

- Со голема желба да се ослободи од несаканите луѓе, крушејќи ги сопствените закони, Европа се однесува со цинична рамнодушност кон човечките суштества, кои веќе доволно страдале. ЕУ би требало да прекине со депортирањето од Грција во Турција, додека односот кон двете земји не биде доведен на ниво на меѓународните и европските правни и хуманитарни норми, смета весникот.