Бизнис
9. September 2017 - 16:00

Николовски на „Тиквешки гроздобер“: Грозјето од винарските визби ќе биде целосно откупено

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска го посети Кавадарци, најголемиот лозарски град, како што рече, за заедно со производителите на грозје и на вино да ја одбележи традицоналната манифестација во чест на грозјето и виното „Тиквешки гроздобер“.

- Како ресорно Министерство заедно со сите надлежни институции внимателно го следиме откупот на грозјето. Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, заклучно со 5-ти овој месец откупени се околу 16 милиони килограми грозје, од кои најголем дел се од сортите „вранец“ и „смедеревка“, информираше изјави министерот Николовски.

На лозарите им порача дека грозјето од годинашната реколта ќе биде целосно откупено од винарските визби, а исплатата за откупеното грозје ќе се реализира според законските одредби.

Соопшти дека Државниот инспекторат за земјоделство ги зајакна контролите на откупните пунктови на грозје со цел да нема манипулации со откупните цени. Годинава поради лошите временски услови и измрзнувањето на лозјата се очекуваат намалени количини произведено и откупено грозје.

- Свесни сме за лошата состојба во лозарството и винарството поради климатските промени кои значително влијаат врз родот, но и за битката на винарските визби во освојувањето на пазарите со конкурентни цени и висок квалитет. Како Влада сериозно и посветено ја следиме состојбата на терен и навремено ќе делуваме. Подеднакво сме насочени кон подобрување на состојбите во лозарството и винарството бидејќи тоа се два сегмента кои не можеме да ги гледаме одвоено, нагласи Николовски.

Уште во првите 100 дена од работата со измени на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството 2017 година ги зголемивме, рече, субвенциите за одржување лозови насади за 10 отсто по хектар и субвенцијата сега изнесува 44.000 денари по хектар. За овие зголемени субвенции лозарите можат да конкурираат до 15 септември. Досега за одржување површини со лозови насади по Програмата за 2016 година, како што рече, исплатени се 8,7 милиони евра, а за вкупно 13 винарски визби по основ на откупено грозје исплатени се субвенции во износ од 650 илјади евра.

- Исто така, интензивно работиме на забрзување на процесот за исплата на обесштетувањата од временските непогоди што се случија лани и годинава, рече Николовски.

Министерот Николовски рече дека Кавадарци може да се пофали дека е најголем производител на грозје и на вино во земјава каде производството на грозје и вино има длабоки корени и богата традиција. Околу 5.000 семејства егзистираат од оваа гранка.

- Ова е довлолно за нас како Влада да работиме на среднорочни и долгорочни стратегии за развојот на лозарството кои ќе овозможат зголемување на површините, приносот и квалитетот што крајно ќе значи поголеми приходи за сите семејства кои се занимаваат со оваа земјоделска гранка во овој регион, додаде тој.

Соопшти дека производството на грозје и вино учествува со околу 17 до 20 проценти во БДП, а виното е вториот најизвезуван производ по тутунот.

- Еден од приоритетите на Владата е да го стимулираме развојот на извозноориентираните гранки, а тоа ќе го постигнеме преку спроведување системски мерки, рече Николовски.