Македонија
16. October 2020 - 16:45

Николовски ќе побара разрешување на Димова, за опозицијата ова е театар

Лидија Димова ги брои последните директорски денови во Националната агенција за европски образовни програми по најавата на Владата дека на следната седница таа веројатно ќе биде разрешена.

„Директорката Лидија Димова, смета дека не треба да даде оставка, но јас имам спротивен став. На наредната владина седница ќе побарам оставка и разрешување на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност“ – напиша на социјалните мрежи потпретседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски.

Димова денеска не беше расположена за коментар. Во краткиот телефонски разговор рече дека не сака да каже ништо бидејќи не знаела што се случува во моментов.

Од опозицијата најавата за разрешување на Димова ја сметаат за театар на власта.

Лидија Димова како директор на Националната агенција кој е задолжена да ги дели европските пари за македонски проекти поврзани со образованието се најде среде скандал во кој наводно фризерница од Скопје добила 270.000 евра европски пари за образование а дополнително брат на пратеник на СДСМ добил пари за тренирање на магариња. Медиумите објавија и дека Димова откако станала директорка за Агенцијата купила две луксузни возила за кои граѓаните платија 90.000 евра.
Случајот на Димова се уште го работи Финансиската полиција и антикорупциска а истрага за своите пари води и Европската Унија.