Бизнис
7. March 2018 - 15:45

Николовски и Љајиќ се договорија за брашното

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и српскиот  министер за трговија  Расим Љајиќ, денеска во Скопје потпишаа Договор согласно кој за брашно од еден два и пет килограми маркичките ќе се лепат во Србија, а за пакувања од 25 и 50 килограми маркичките ќе се ставаат во Македонија.

Македонскиот Правилник за увоз на брашно, согласно договореното, ќе биде сменет уште денеска.

Николовски и Љајиќ по средбата истакнаа дека двете страни направиле отстапки за да се дојде до решение на проблемот, а брашното само ги отворило прашањата за бариерите кои мора да се отстранат за да се унапреди трговијата меѓу двете земји.

- Ова е почеток на долгорочно решавање на сите проблеми меѓу двете влади во делот на земјоделството и трговијата, изјави Николовски по работниот состанок во Скопје.

Љајиќ изрази очекување дека за еден месец Србија и Македонија системски и трајно ќе го решат овој проблем преку комитетот кој допрва ќе се формира. Комитетот првпат ќе заседава на 14 март во Белград, а ќе ги нотира сите бариери кои постојат од една или другата страна.  

- Со Николовски направивме одлучен и важен чекор за решавање на конкретниот проблем со извозот на српското брашно во Македонија. Но, недвосмислено покажавме политичка волја и подготвеност за отстранување на сите царински бариери. Целта на двете земји е трговската размена од сегашните 760 милиони евра, годинава да достигне милијарда евра, а тоа е можно сако ако се елиминираат пречките, рече Љајиќ. 

Според него, Србија и Македонија денеска покажаа подготвеност да одат во правец на создавање заеднички економски простор што е во духот на Берлинскиот процес. - Во овој сегмент очекуваме помош и од ЕУ, но и ние сами мораме да покажеме одлучност, сами да ги укинеме оние пречки кои едни на други сме си ги поставиле, сметајќи дека ќе им помогнеме на стопанствата, а всушност само сме им отежнувале, потенцира српскиот министер. 

Одговорајќи на новинарско прашање, Љајиќ рече дека Србија веќе нема причини за воведување контрамерки кон Македонија. Тој порача дека малите економии можат да се развиваат единствено ако бидат целосно отворени.

- Ние сакаме да ги почитуваме сите спогодби што сме ги потпишале во врска со сертификатите, фито, ветеринарните и сите други, да имаме минимално задржување на границите и да имаме потполно слободен проток во едниот и во другиот правец. Во земјите на Западен Балкан годишното чекање на границите е 28 милиони часови, а тоа чини околу 800 милиони долари. Не можеме да бидеме конкурентни ако не ги тргнеме овие пречки и ако не ги намалиме трошоците на превоз, транспорт и трговија во кој било правец, напомена српскиот министер. 

Одговорноста за проблемот со брашното, Николовски ја лоцираше во, како што рече, нефункционирањето на македонските институции изминатите 11 години

- Клучниот проблем во Македонија последните 11 години е нефункционирањето на институциите, на Инспекторатот, на АХВ и неработењето по процедурите и соодветните протоколи. Токму и еден од заклучоците на состанокот беше воведување засилена интегрирана контрола која треба да ја изградиме и да функционира, подвлече Николовски.

Министрите соопштија дека меѓувладиниот комитет ќе дискутира и за извозот на македонските производи: вино, алкохол, тутун..., за меѓусебното признавање на сертификатите меѓу двете земји, и ќе понуди конкретни решенија. Комитетот ќе ја разгледа и оправданоста на маркичките за брашното, а ако стопанствениците побараат или имаат интерес, посочи Николовски, нема да има проблем тие да се укинат.