Македонија
12. November 2019 - 14:23

Никола Мицевски: Во Буџетот за 2020 нема ниту денар повеќе за капитални инвестиции и развој

Зоран Заев и Нина Ангеловска денеска го презентираа најголемиот буџет во историјата на државата. Власта во 2020 година планира да потроши 3,9 милијарди евра, на популистички и неразвојни програми.

3,9 милијарди евра буџет, а ниту денар повеќе за капитални инвестиции, ниту денар повеќе за развој. Буџетот на Заев е најнеразвојниот буџет кој Македонија некогаш го имала.

Заев најде пари за се, само не за капитални инвестиции и други инфраструктурни објекти, кои креираат трајна вредност.

Одвојувањето на само 380 милиони евра за капитални инвестиции кога буџетот е проектиран на 3.9 милијарди евра е смешно.

Нема пари ниту за нови енергетски капацитети. Ништо од најавените Чебрен и Галиште, пренамената на ТЕЦ Неготино или вложувањата во РЕК  Битола и Осломеј. Последните ќе останат средства за испумпување пари за семејството.

И не само што крати од капитални инвестиции. Зоран Заев ги залажува и пензионерите. Првин им скрати три години по ред по 600 денари покачување, за сега да им ветува само 700 денари. Заев ги оштети пензионерите за 1.800 денари до сега, пари кои ќе ги имаа доколку Заев не беше власт.

Дополнително покачувањето на минималната плата со која се фали не се реализира во пракса, бидејќи работниците се принудени да враќаат дел од парите на рака, а институциите не преземаат ништо во однос  на тоа.

Во здравството имаме уште едно промашување. Заев вети бесплатно здравство за сите, а пари за тоа во буџетот нема.

Нема пари ниту за земјоделците, на кои им беше ветувана зелена нафта, а завршија со бонови од 500 денари за само 50.000 земјоделци, во услови кога во државата има над 100.000 земјоделци.

Очекувано е зошто Заев не инвестира во развој на државата. Тој инвестира во потенцијален изборен поткуп. Граѓаните нема да наседнат повторно на лагите на Заев. Без  разлика колку и да се труди Заев да купува гласови.