Никна дива населба во Битола
Дива населба лоцирана во непосредна близина на затворот во Битола, неколку месеци им создава проблеми на жителите на населбата Довлеџик. Во десетина бесправно изградени куќи на државно земјиште, од кои повеќето се импровизирани, живеат педесетина лица кои до местата на живеење си направиле и пристапен пат. Мештаните кои со години живеат во тој дел од Битола, негодуваат што надлежните дозволиле неканетите гости да подигнат населба спротивно на сите законски норми во земјава, но и се жалат на зулуми кои се случуваат откако соседството ја промени демографската карта.
Жителите на улица Довлеџик реагираат и на односот што дивонаселените комшии го имаат кон околината. Ѓубре расфрлано по течението на реката Драгор неколку месеци е секојдневна слика во оваа некогаш еколошки чиста средина.
Од Општина Битола велат дека по реакцијата на Телевизија, градежен инспектор при општинскиот инспекторат извршил увид и изготвил записник и решение за отстранување на бесправно изградените објекти. Од увидот на лице место било заклучено дека се работи за граѓани од ромска националност, без решено станбено прашање, кои на таа локација нелегално се населиле. Станбено и инфраструктурно решение за жителите на населбата Баир во Битола се најавува повеќе од десет години. Со проектот за домување на социјално ранливи групи во 2012 година, 12 ромски семејства добија станови во Нова Битола, но уште стопати по толку се надеваат на нова интервенција од надлежните и подостоинствен живот во 21 век.
-
Методија Куновски
Сите содржини од овој новинар