Македонија
25. March 2022 - 19:47

Невладините организации разочарани што Владата го повлече законот за олеснета процедура за вадење документи за лицата со сменет пол

Во Македонија е храброст да се биде Лила Милиќ. 

Храброст е затоа што Лила како трансродова личност јавно зборува за голготата и непријатностите со кои се соочуваат овие лица  дури и кога треба да завршат најосновна обврска. Таа објаснува дека кога ќе влезе во банка, институција се чувствува исто како да е на распит во полициска станица.

Активистите реагираат дека Владата нема слух за проблемите на трансродовите лица. Како пример го посочија повлекувањето на Законот за матична евиденција, кој на овие граѓани треба да им овозможи правна заштита. Вината ја гледаат и кај оние пратеници кои се против законското решение, а не го ни прочитале законот. 

Но пратенциите од опозицијата реагираа дека законот има многу нелогичности и сметаат дека е потсмевање  со универзалните човекови права. 

И по три дена откако Владата одлучи да го врати законот на дообработка, не знае што точно ќе се менува во него.

-Во оваа фаза не може да се дефинираат кои делови од Законот ќе бидат изменети. Процесот на изработка ќе биде инклузивен и транспарентен, со што јавноста ќе биде во тек со предложените законски измени, кои дополнително ќе бидат базирани на компаративни анализи од други земји и усогласени по сите меѓународни стандарди. Промената на Законот се прави заради доусогласување со Закон за матична евиденција, велат од Владата. 

Законските измени предвидуваа преку право на самоопределување и нотарска изјава, трансродовото лице да може да изврши промена на полот, а со тоа и ознаката во матичниот број. Според невладинит сектор, во моментов околу 10-тина  лица со години водат битка со домашните институции за да си ги остварат своите права.