Македонија
10. July 2022 - 16:34

Невладините организации на удар - дали ќе им бидат стопирани европските пари поради критиките за францускиот предлог?

Шпекулација или благ обид на заплашување на сите кои не се согласуваат со францускиот предлог. Ова е ставот на невладините организации, по најавата дека може да секнат европските пари за нив, ако ги критикуваат европските вредности, односно надворешната политика која ја води земјава. Од Институтот за комуникациски студии велат дека сите 11 невладини организации се проевропски ориентирани, односно сакаат влез во Унијата, но не на ваков начин. За работи кои се однесуваат на иднината на државата и на секој граѓанин кој живее во неа, очекуваат конструктивна дебата.

- Се надевам дека ова е индивидуално или од мали центри на моќ е излезено и дека нема да се повтори. Инаку, ние поминавме една фаза пред 5, 6, а и 7 години кога бевме етикетирани како соросоиди, предавници, па заокружувани со  црвено. Јас не би сакала овој дискус да се повтори, изјави Жанета Трајковска, Институт за комуникациски студии.

Во овој критичен момент не треба да се шират дезинформации или лажни вести, сметаат од Македонскиот Центар за меѓународна соработка. Не веруваат дека Унијата има намера да цензурира или шпекулира вакви важни теми, туку напротив, да поддржи преговори, без разлика колку долго ќе траат.

- Текстот е полн со претпоставки, кои немаат реална основа. Напротив, вчера имавме дискусија со претставници од Европската Унија. Тие сакаат да ги слушнат аргументите и на тие што се за францускиот предлог, но и на тие што се против. Граѓанските организации се тука да помогнат. Јас не верувам дека Унијата има намера да цензурира или да шпекулира нешто, со што би се ограничиле фондовите за невладините организации, изјави Александар Кржаловски, Македонски Центар за меѓународна соработка.

Од Институтот за европска политика велат дека ќе продолжат да ги застапуваат европските вредности и остануваат доследни на принципите за стручност, интегритет и независност. Поддржуваат аргументирана дебата, каква што недостасува во јавноста, но без етикетирање, односно сведување на предавници и патриоти. Бараат објективно известување, без искривување и врамување.

Според пишувањата на Зоом, премиерот Ковачевски крајот на јуни во Брисел ги обвинил европските експерти, кои во исто време раководат и со невладини организации, за свесно и оркестрирано ширење на хистерија во медиумите против францускиот предлог, со кој треба да се надмине спорот со Бугарија. По ваквото обвинување на премиерот, администрацијата на Европската Унија побарала од дипломатската мрежа да собере информации за аргументите што овие невладини експерти ги користат во дебатата за францuскит предлог. Според нив, ваквите невладини ширеле евроскептицизам дека Бугарија нема да го повлече ветото и дека Унијата ја губи довербата кај македонските граѓани. Дошле до заклучок дека експертите имале слични ставови со проруските елементи во државата, кои изминатиов период тврделе дека колективниот Запад пропаѓа или дека Макрон ги води Македонците во пропаст. Затоа Унијата наредниот период ќе го преиспитувала финансирањето на проектите од овие органзиации и ќе биде повнимателна на кои невладини ќе доделувала грантови.