Македонија
1. April 2023 - 16:38

Невладиниот сектор со пародија посочи на недостигот на места во градинките во Прилеп додека изграден објект стои празен

Со сечење на црвени ленти, конфети и голема ауфорија денеска беше отворена новата детска градинка во населбата Точила во Прилеп каде треба да се сместат 250 деца. И ова се би било во ред доколку не беше само една обична пародија за денот на шегата, како дел од кртеативниот настан „Градот и трите градинки“ на НВО СТАНИЦА П.Е.Т. од Прилеп кои преку овој перформанс сакаа да посочат на недостатоткот на места во прилепските градинки како и за неисполнетите предизборни ветувања. Освен оваа пред изборите се ветуваше и изградба на градинка во населбата Кузман 2, како и пренемена на дел од ООУ „Кочо Рацин“ во ваков простор. 

„Проблемот со детските градинки, недостигот на детски градинки влијае и тоа како врз целокупното општество, на целата заедница, а посебно ги погаѓа граѓаните кои се со минимални примања, односно ранливите категории на граѓани кои не можат да обезбедат сместување на децата во приватни градинки и со тоа се погодува целокупната нивна егзистенција“, кажа Маја Петанческа, администратор во НВО СТАНИЦА П.Е.Т.

Изградбата на градинката е комплетна инвестиција на Општина Прилеп, а истата требаше да ја опреми Министертсвото за труд, но очигледно има слаба координација помеѓу централната и локалната власт, кои се од две различни политички партии.

„Мора локалната власт и министерството да изнајдат начин за меѓусебна координација, бидејќи прашањето на згрижувањето на децата, прашањето на иднината на децата и нивниот развој не може да биде тема за меѓусебни политички пресметки, обвинувања итн“, додаде Весна Шапкоски, извршна директорка на СТАНИЦА П.Е.Т.

Од градинките „Наша Иднина“ од Прилеп велат дека имало одредени недостатоци при изведбата, дел биле отстранети, дел се уште не. 

„Општина Прилеп веќе има склучено договор со изведувач на ограда околу објектот, направен е проект и треба да се реализира преку јавна набавка за поставување на прегради во тоалетите за деца и кабини во тоалетот за возрасни. Исто така Општината во последниот период треба да се погрижи да обезбеди дидактички средства за овој објект, затоа што од Министерството за труд и социјална политика обезбедена е само опремата“, додаде Христина Трпческа, в.д. директор на градинки „Наша Иднина“ Прилеп.

Се очекувала градинката во Точила да профункционира за неколку месеци, додека пак за другите две засега нема никаква најава. Во моментов во Прилеп на листа на чекање за градинките се 250 дечиња.