Свет
25. May 2016 - 10:19

Нетанјаху склучи коалициски договор со националистичката партија „Израел бејтену“, лидерот Либерман нов министер за одбрана

Десничарската израелска партија „Ликуд“ на премиерот Бенјамин Нетанјаху ноќеска склучи коалициски договор со ултранационалистичката партија „Израел бејтену“ (Нашиот дом Израел“) на Авигдор Либерман, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на претставници на двете партии.

Договорот предвидува Либерман да стане министер за одбрана и да одговара за администрирање на окупираните палестински територии, пренесува БТА.

Официјалното потпишување на спогодбата е закажано за денеска.

Договорот ќе доведе до формирање на најдесничарската Влада во историјата на Израел, забележуваат француските медиуми.

Спогодбата има за цел да го зголеми и стабилизира парламентарното мнозинство на владејачката коалиција. Досега Нетанјаху имаше поддршка од 61 пратеник во 120-члениот Кнесет, или мнозинство од само еден глас.

Израелскиот министер за одбрана Моше Јаалон, кој е во конфликт со Нетанјаху, во петокот соопошти дека поднесува оставка и од Владата и како пратеник на „Ликуд“.

Партијата „Израел бејтену“ има шест пратенички места во еднодомниот израелски Парламент и со нејзината поддршка владеачкото мнозинство ќе се зголеми на 66 народни претставници.

Уште од својата изненадувачка победа на парламентарните избори во Израел, во март минатата година, Нетанјаху се обидува да ја зголеми својата коалиција, која досега зависеше од каприците и на најмалиот партнер, забележаа француските медиуми. Во последниот месец израелскиот премиер ги зголеми напорите во овој правец, но минатата недела пропаднаа преговорите со левоцентристичката „Партија на трудот“.

Веднаш откако беше соопштено за приклучувањето на Либерман кон владеачката коалиција, во јавноста се појавија коментари дека израелската Влада ќе ја зацврсти својата политика, особено кон Палестинците.