Македонија
23. March 2019 - 11:34

Несиме Салиоска – непозната хероина и жена борец за правата на Ромите

Таа е хероина, жена-борец за правата на ромската зедница во Македонија. Од пред два дена ја носи европската титула на непозната хериона – Ромка активистка. Заедно со уште 13 жени од седум земји од соседството, Несиме Салиоска од Прилеп е добитник на првата награда од двете жени-активистки од Македонија кои во Брисел беа прогласени за „непознати хероини“.

Ја затекнавме во Прилеп, само по неколку часа од нејзиното пристигнување од Брисел откако ја прими наградата. Подготвена, како секогаш, да разговара и да објасни.

– Европската комисија за првпат оваа година додели 14 награди на жени-Ромки, активистки од седум земји, под мотото „Непознати хероини“ од државите: Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Турција, односно, сите земји кои се кандидатки за членство во ЕУ.  Оваа награда беше организирана од Директоратот за проширување и добрососедство во рамки на ЕУ. Наградите беа доделени во две категории: прва и втора награда. Од секоја земја имаше по две победнички. Јас бев добитничка на првата награда, а Салија Халимбекир од Скопје, од општината Шуто Оризари беше добитничка на втората награда за Македонија, вели Несиме.

Ја предложи канцеларијата на Фондот за население при ОН во Скопје и од 105 апликации, Несиме ги освои претставниците од сите седум држави. Нејзината битка за проблемот со детските бракови ги освои симпатиите на широко ниво.

И сѐ почна откако Несиме пред три години во рамки на прилепската невладина организација „Рома С.О:С“ ја почна битката, со целиот тим од организацијата, за актуелизирање на проблемот со детските бракови. Знаеше дека тоа сите го сметаат за вообичаено, процес на традиција, но Несиме беше упорна – детските бракови се проблем на целата држава и на сите заедници. Секому може да се случи.

– Сакавме да ја разбиеме табу-темата околу оваа појава, да ги идентификуваме причините за детските бракови и да ги вклучиме институциите, државните органи во справувањето со ова. Истовремено да укажеме дека ова не е само во ромската заедница, туку  се случува и кај македонската, турската, албанската заедница. Тоа е повреда на детските права, не е дел од традицијата или од културната карактеристика на одредена етничка заедница, туку е општопозната појава и влијае на загрозување на правото на образованието, пред сѐ на девојчињата, предизвикува здравствени нарушувања кај нив, најчесто се економски зависни и се жртви на семејно насилство и запаѓаат во кругот на сиромаштијата. Со тоа не може да ги едуцираат ниту своите новороденчиња. Ова креира животна нееднаквост, ги обесхрабрува девојките, но и момчињата. Малолетниците во вакви бракови не го завршуваат средното образование, иако е задолжително и се казнуваат родителите. Со ова немаат и економска стабилност, па и новородените деца. За ситуацијата со детските бракови официјално никој не поседува податоци во земјава и не се води статистика. Нашите информации се од работата на теренот со заедницата. И од истражувањето на УНИЦЕФ кое е направено во 2011 година. Врз база на тие податоци ја започнавме иницијативата, објаснува Несиме Салиоска.

Несиме е хероина, иако, вели, таа не се чувствува така. Само како упорна жена. Токму поради инцијативата за проблемот со детските бракови, тимски издејствува измена на Кривичниот законик кон крајот на минатата година.

– На 28 декември лани е издаден указот за промена на Кривичниот законик со што член 197 претрпе измени, односно се подигна возрасната граница од 16 на 18 години за казнување на лицата кои ќе склучат брак со малолетни лица или родителите ќе бидат санкционирани кои ќе дозволат таква вонбрачна заедница. Нашата препорака, цело време беше да се подигне возрасната граница од 16 на 18 години за санкција, со тоа да и се даде знак на околината дека не е дозволено живеењето вонбрачен живот со малолетни лица. Ние на теренот најмногу идентификувавме детски бракови кои всушност се вонбрачен живот и предложената измена е да се санкционираат таквите вонбрачни заедници. Целата иницијатива ја водевме со канцеларијата на УНИФЕЦ од Скопје, со Националниот демократски институт, а правен консултант ни беше Цветанка Иванова која сега е генерален секретар на Собранието на Македонија, објаснува Салиоска.

Голема е победата со измените во Кривичниот законик зашто тоа го почнале и го водат 10-ина години во другите земји. Но во Македонија по три години успеа. Според Несиме, „се склопија коцките“. Годинава продолжува битката со законските измени. Најавени се и во Законот за семејство и Законот за основно и средно образование.

– Министерствата за труд и социјална политика и за образование дадоа силно ветување дека измените на законите ќе бидат годинава. Во Законот за семејство предлагаме вонбрачната заедница да се признае како форма на живот со што ќе може да ги регистрираме вонбрачните заедници. Но, истовремено, да се забрани, дополнително, живеењето во вонбрачната заедница за да се хармонизира Законот за семејство со измените во Кривичниот законик. А во Законот за основно и средно образование предложивме да се прошири збирката на податоци зашто сега нема информација за секој средношколец зошто го напуштил образованието. Ние бараме да има точно дефинирана причина за да се идентификува потенцијален или веќе склучен детски брак. Со тоа ќе знае социјалниот работник и ќе излезе на терен да ги идентификува тие детски бракови со што ќе бидат информирани обвинителството и полицијата. Со тоа се затвора кругот околу состојбите со детските бракови. Ова е всушност ситем на превенција, но и на едукација на населението за штетните последици од склучувањето на ваквите вонбрачни заедници под 18 години, ја продолжува Несиме својата „омилена“ тема.

Несиме вели дека во прв момент не верувала за наградата од Европската комисија која е и обврзувачка – државата да го стави во приоритет проблемот со детските бракови и да му посвети посебно внимание.

– Не верував зашто има повеќе жени-Ромки кои дејствуваат за просперитет. Со оваа награда од ЕК се верификува како легитимна оваа иницијатива и како значаен приоритет на кој државата треба да посвети внимание. Фактички, се задолжува државата да посвети посебно внимание на проблемот со детските бракови. Кога ја започнавеме иницијативата во 2015 година, голем дел од институциите сметаа дека е неважно, го има само во одредени периферни делови од ромските заедници, дека е традиција и така треба да биде, а не е проблем. Но, со нашата работа направивме голем дел од институциите да бидат сојузници и да помогнат во решавањето на проблемот, објаснува Салиоска.

Наградата е посебна зашто своите бодови ги даваа претставници од сите седум земји. И ова не е македонска, туку европска награда. Несиме смета дека тоа што се валоризирал сиот напор за една иницијатива, е обврзувачко и мотивирачко.

– Секоја држава даваше бодови. Мојата апликација доби најмногу бодови од сите држави. Ова не е награда добиена само од Македонија, туку од сите седум земји. Чувството, пред сѐ, е мотивирачко. Сега со сигурност знаеме дека сме направиле добра работа и сме на вистинскиот пат. Ова значи дека треба да продолжиме. Самата промена на законите, не значи и реална промена на теренот.  На хартија фино изгледа, но во практиката како ќе се применува, е нова битка која допрва треба да ја извојуваме и ќе бара уште повеќе време, зашто станува збор за посебни ситуации, посебни судбини. Сега треба усогласување и со локалните институции. Ама продолжуваме со „битката“, упорна е Несиме.

Триесет и седумгодишната Несиме со диплома на менаџерка која приватниот живот го оставила „на чекање“ вели дека не се чувствувам како хероина, туку како  жена-борец за подобро утре на сите. Сѐ уште, вели, не се чуваствува исполнето. Тоа ќе биде кога најголемиот дел од ромската заедница ќе нема да се чувствува дискриминирано и отуѓено од општеството.

– Поддршката од мојата заедница не е на нивото на кое посакувам. Тоа ми недостасува. Во мојата работа се променив како жена која порасна во ромската заедница, но успеа, со образованието и активностите, да обезбеди економска стабилност и позиција во општеството на ниво на сите други граѓани. Повеќе не чувствувам дека сум дискриминирана или различна од другите. Но, за жал, тоа не го гледам кај другите Роми од мојата заедница. Се уште се чувствуваат дискриминирани, сегреграни и отуѓени од целото општество.Јас ќе бидам исполнета кога ќе видам поголем дел, ако не 100 отсто, барем 90 проценти од Ромите да се чувствуваат еднакви, да се интегрирани и дека не им треба моја помош. Се додека им треба моја помош, не се чувствувам исполнета. Често пати на Ромите им давам сила и тоа ме радува. Ако мојата мисија е да бидам силата и поддршката на ромската заедница, тогаш сум доследна и ќе останам на таа мисија. Мојот сон е дека еден ден,  девојките, бидејќи е ова токму за нив, ќе завршат средно образование, ќе имаат избор и не ќе мораат, по секоја цена, да склучат брак. Да имаат избор да успеат во животот да бидат, можеби, претседателки. Тогаш ќе бидам исполнета, вели Несиме.

Сега невладината „Рома С.О.С“ е преименувана во „Станица П.Е.Т’ каде менаџерката Несиме со четирите правници се обидува да им дава бесплатна правна помош на сите граѓани. А барањата се главно од социјалната сфера, поради законските измени за личната документација.

За силната волја да се успее и да се направи нешто за заедницата, говори и нејзиното обраќање при добивањето на наградата во Брисел.

– Многу години од околината добивав порака дека сум силна и самоуверена и дека, практично, тоа е мојата слаба страна. Тоа понекогаш правеше да се чувствувам погрешно и дека сум загубена помеѓу два света: едниот кој пропагира родова еднаквост и интеграција, а другиот свет ги држи жените во патријархален синџир. Сепак, инспирацијата од неколку моќни жени, ми овозможи да останам на патот на мојата мисија и со тоа да разбија  табу-теми… Преку заштита на еден живот- заштитуваме животи во низа, истакна Несиме.

Елизабета Митревска/МИА