Македонија
28. August 2021 - 21:17

Непрецизни протоколи за настава со физичко присуство во средните училишта и тие што работат во две смени

На само 4 дена пред стартот на новата учебна година надлежните не знаат да објаснат како ќе се спроведуваат протоколите за настава со физичко присуство во училиштата, особено во средните каде децата одат во две смени, а една паралелка брои над 30 ученици. Под знак прашалник е колку максимум ученици ќе можат да присуствуваат во една училница или во спортската сала на физичко, дали две деца ќе делат една иста клупа, како ќе доаѓаат на училиште во преполни автобуси? Ова се само дел од дилемите на кои Министерството за образование нема одговор.

- Сите прашања поврзани со начинот на организирање на учебната година се уредени со Планот за организација и протоколите за постапување на основните и средните училишта кои се изработени од страна на МОН и Комисијата за заразни болести и се доставени до училиштата пред речиси два месеци, а се достапни и на нашата веб страна, велат од министерството.

Но, ниту во објавените протоколи, не е прецизно објаснето како ќе се одвива наставата во училишните клупи.

Конкретен одговор не добивме ниту од Министерството за здравство. Од таму упатуваат на секое училиште поединечно.

Протоколите за одржување настава со физичко присуство во основните и средните училишта, како и алгоритам за постапување во случај на заболено лице или дете од ковид се објавени на страницата на Министерството за образование и наука. Секое училиште треба да ги прилагоди условите за реализирање на наставата согласно Планот и Протоколот со цел обезбедување непречен воспитно-образовен процес.

Сепак, од здравство признаваат дека јавниот превоз е ризичниот фактор кога станува збор за ширење на вирусот. Превозот беше една од причините поради која надлежните не дозволија средношколците од полошкиот регион од први септември да се вратат во училишните клупи, туку првите две недели да се одвива исклучиво онлајн настава.

Инаку директорите на скопските средни училишта следната недела ќе имаат состанок за прецизирање на протоколите со МОН.