Македонија
13. August 2021 - 16:36

Нема вакцинирани меѓу починатите

Ниту еден од починатите 25 лица од компликации од Ковид последната недела не бил вакциниран, информираше министерството за здравство. Според неделната анализа од близу 3500 новозаразени, 450 односно 12,8 проценти биле целосно имуницирани со примени 2 дози и поминати 14 дена од второто боцкање. Според информациите од болниците и меѓу хоспитализираните овој период има комплетно вакцинирани, но лекарите уверуваат дека ваквите пациенти многу полесно ја поминуваат болеста. Националниот координатор за имунизација вели дека ниту една вакцина не може да спречи да дојдете во контакт со вирусот , но ефектот на вакцината е да спречи да се развие тешка форма на болест.

-Она што сакаме да потенцираме е дека и вакцинираните лица можат да бидат заразени, но ако воопшто се развие болест е со сосема поинаков тек, а тоа го потврдуваат и колегите од Инфективната клиника каде се увиде дека тие што се комплетно вакцинирани , кај нив симптомите и самата болест многу поедноставно ја поминуваат, изјави за Сител проф.д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација.

Професор Грозданова уверува дека вакцините штитат и против Делта сојот кој се повеќе се шири и во земјава.

-Научни клинички студии покажуваат дека постоечките вакцини заштитуваат и од Делта сојот, дел од нив и во многу помал процент, но она што се виде дека сите овие вакцини ја спречуваат онаа тешка форма на болест и смртноста, која всушност е целта на вакцинацијата, изјави професорката Грозданова.

Податоците од здравство покажуваат дека досега во земјава аплицирани се над 1 милион и 33 илјади дози, а комплетно имунизирани  се 462.000 граѓани.

Државата засега не планира да дозволи да се вакцинираат деца под 12 годишна возраст.