Loading Video...
Македонија
3. November 2020 - 16:39

Нема услови за он-лајн судења

Здружението на судии смета дека не постојат услови судењата да се водат преку интернет. Претседателот Саити вели дека недостасува техничка опрема за онлајн рочишта а проблем се и законите за водење на судењата.

„Прво треба интервенција во процесните закони но и дека треба да се создадат услови. Мислам дека во вакви услови и во една контрадикторна постапка која се одвива кај нас особено во кривичните предмети, е многу тешко да се обезбедени преку онлајн судење веродостојност на постапката, особено имајќи ги предвид основните начела и на законот за кривична и на законот за парнична постапка. Мислам дека треба да се бара решение во друга насока“, изјави Џемали Саити, Претседател на Здружение на судии.

Од кривичен велат дека поради коронавирусот често се одложуваат рочишта и сметаат дека е добра идејата за онлајн судења. Сепак велат дека тоа не може да се примени кај притворските предмети за кои е неопходно присуство.

„Добро е нешто да се измени во таа смисла за да може да се овозможи судења онлајн, меѓутоа не за сите судења, можеби за прекршочни. Кривичниот суд има мали капацитети за да овозможи онлајн судења затоа што не поседуваме доволен број на камери, компјутери, меѓутоа за судења од две до три судења онлајн на ден би можеле тоа да го организираме“, вели Иван Џолев, Претседател на Основен кривичен суд.

И од граѓанскиот суд велат дека поради коронавирусот не се одржуваат дел од закажаните судења. Во меѓувреме Здружението на судии изработи протокол за одржување на рочиштата кој предвидува мерење телесна температура, дезинфекција и одржување растојание.