Македонија
10. September 2020 - 21:17

Нема термин во „Мој термин“ во болниците и терцијарното здравство до крајот на септември

Ако не сте итен случај, а сакате во септември да ве прегледа специјалист од Клинички или во ГОБ “8 септември” нема да може зошто нема термини преку “Мој термин”. На повеќе Клиники и во градската општа болница до крајот на месецот пополнети се местата речиси за сите специјалности. Од друга страна ако сакате да изберете и конкретен лекар некои од нив воопшто не ги дава системот за да закажете.

-За амбулантски прегледи пополнети се термините за сите амбуланти и дејности  во болницата. Секако дека постојат редови на чекање за операција за хроничните пациенти особено за оперативните термини. Направена е таа листа на чекање. Тие кои најдолго чекале ќе го земат приоритетот. И мислам со зголемување на интензитетот на работа и на салите и амбулантите и бројот на оние што чекаат ќе се намали за краток период, изјави д-р Христијан Костов, директор на ГОБ “8 септември”.

За која специјалност и во која ЈЗУ најмногу се чека за преглед, конкретен одговор не добивме од министерството за здравство. Од “Мој термин” ни обезбедија само општи податоци дека во септември биле креирани над 93.000 прегледи. Најмногу за интернист, трансфузиолог, рентген, офталмолог, психијатар. Месецов најмногу закажани термини има на Институтот за трансфузиона медицина, Клиничките болници во Битола, Штип и Тетово, ГОБ 8 септември и во скопските поликлиники.

Токму во некои од поликлиниките во состав на Здравствен дом Скопје кон крајот на месецот може да се најде некој термин за интернист и офталмолог кои се и најбарани, велат матични лекари кои ги контактираше Сител.

Инаку после 6 месеци поради корона вирусот “Мој термин” повторно профункционира на 1 септември. Сега прегледите се закажуваат на 30 минути што значи еден специјалист  кога е во амбуланта во смена може да прегледа максимум 11 пациенти.