Македонија
28. September 2022 - 16:36

Нема пари ама има економски директори - апсурд во менаџирањето на македонските клиники

Дури 31 здравствена установа во земјата функционираат со двајца менаџери а нема клиника или болница која не е во долгови. Економските директори од кои 5 се В:Д. се одговорни за финансискиот аспект и според информациите на Сител за тоа земаат од 1000 до 1500  евра плата. Месечниот трошок за нив е повеќе од 35 000 евра или годишно нивната работа е платена над 450 000 евра. Никој не кажува што конкретно прават, но официјалниот податок од Фондот е дека долговите на здравствените установи постојано растат и достигнаа алармантни 104 милиони евра.

Од Министерството за здравство иако велат дека ја следат работата на сите јавно- здравствени установи, проблемот со долговите го препишуваат и на пандемијата.

-Секоја установа има определен буџет кој претходно е усогласен меѓу менаџментот на здравствената установа и  во соработка со ФЗОМ.  

За потсетување, за овој двегодишен период произлегоа трошоци кои не можеле претходно да се предвидат, имајќи ја во предвид состојбата со пандемијата и сите аспекти поврзани со неа, ни одговорија од МЗ.

Но не само поради ковидот, болниците и клиниките беа во големи долгови и во 2017 кога тогашниот министер  Арбен Таравари  најави укинување на економските директори со законска измена. Ова мерка во 2016 беше дел и од изборната програма на СДСМ кога дојдоа на власт. Но досега, и по 6 години од ветувањата се уште голема сума пари одат за плати на вторите менаџери.