Бизнис
10. March 2021 - 20:44

Нема откуп на вишокот тутун од идната година

Од идната реколта нема повеќе да има откуп на вишокот тутун, а откупувачите ќе откупуваат само околу 21 милион килограми. И покрај апелите на Сојузот на земјоделски здруженија и Асоцијацијата на земјоделци да не се склучуваат договори со откупувачите, тутунарите веќе склучиле 40-тина% од предвидените договори. Сега од земјоделските здруженија затоа апелираат тутунарите да внимаваат на колкава количина ќе склучат договор, затоа што ќе треба да произведат само толку.

„За секое склучување на договор во најкраток рок да си ги побараат договорите за да знаат колку тутун да засадат, за да не дојде в година со истите проблеми како сега. Да знаеме кој колку тутун треба да сади“, вели Злате Даноски, претседател на здружение „Мице Козар“ Прилеп.

„И мене ми е жал, но тутунарите нека водат сметка, колку килограми ќе има во договорот толку нека садат инаку за випокот на тутун државата повеќе нема да има одговорност“, рече Муса Ибраимоски, претседател на здружение „Златен лист“ Долнени.

Вчерa Собранието ги усвои измените на законот со кој се продолжува откупот на тутунот до 31 март. Тутунарите се надеваат дека до крајот на месецов ќе се откупи целиот вишок на тутун. И од Асоциијацијата на земјоделци ги повикуваат тутунарите да не произведуваат тутун над договореното и да започнат да садат други култури.

„Оние тутунопроизводители кои не можат да засадат доволно количини на тутун, нека се преобратат кон друго“, додаде Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

И од Сојузот на земјоделски здруженија и од Асоцијацијата на земјоделци повикаа утрешниот штрајк на тутунарите со блокада на патот Прилеп - Скопје да се ставел во мирување затоа што проблемите, според ниви, ќе се решеле за брзо.