Македонија
14. May 2022 - 16:37

Нема да има заедничка седница на македонската и бугарската Влада до крајот на мај

Македонската и бугарската влада нема да одржат заедничка седница на 22 мај во Скопје. Нема документ околу кој двете страни се согласни, а процесот на разговори е се уште во фаза на размена на идеи меѓу двете министерства за надворешни работи.

„Решение со Бугарија е единствено можно доколку тоа решение се заснова на европски вредности, на принципи на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави и на меѓусебна почит помеѓу политичарите, институциите и граѓаните на двете држави. Се додека нема такво решение кое ќе се базира на тие вредности и кое што е изградено на принципите  кои ги кажав, тогаш нема да има решение“, вели Димитар Ковачевски, Премиер.

Опозицискиот лидер Мицкоски е песимист дека ќе се изнајде достоинствено решение кое ќе го отвори патот за европска интеграција на државата. Вели, Бугарија нема да се откаже од ветото без македонско понижување.

„Не мислам дека постојат шанси за достоинствено тргање на ветото. Или ќе бидеме понижени и омаловажени од страна на хегемонистичките барања на нашиот источен сосед или нема да биде тргнато ветото.  Да упатам порака до Европа, ЕУ исто така како што се обединети околу руската агресија во Украина, да бидат обединети околу политичката агресија на Бугарија врз Македонија и да ни дозволи конечно  да ги почнеме тие преговори  без било какви условувања, без понижувања  и недостоинствени отстапки“, вели Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

И бугарскиот премиер Петков вчера изјави дека нема документ кој би бил потпишан до крајот на мај. За разлика од лани кога Радев и Пендаровски заедни летаа до Рим и имаа заеднички церемонии за чествување на денот на сесловенските просветители, оваа година нема најава за заеднички активности. Ковачевски најави дека тој ќе ја предводи макеоднската делегација составена од министри но и високи претставници на Унивезитетот Св. Кирил и Методиј.