Македонија
28. October 2021 - 16:50

Нема да има гужви и застој во вториот круг, тврди Даштевски

Доверливиот изборен материјал за вториот круг од локалите избори утрово започна да се дистрибуира до општински изборни комисии, Државната изборна комисија го презеде од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола. Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски рече дека согласно искуството од првиот круг, во вториот очекуваат надминување на проблемите кои ги имаа со апаратот за отпечаток на прсти.

За вториот круг ангажирани се 400 лица техничка поддршка кои ќе бидат присутни на гласачките места. Даштевски истакна дека сега се направи друг план на работа.

-Сега е испланирано резервите кои беа во општинската, да бидат со тие лица, бидејќи има доволно резерви, така што ако нешто се случи веднаш може да се замени на лице место. Веќе обуката како да се става прстот што беше многу нејасно на некои места, се смени и сега ќе се пробува двапати. Сметам дека во вториот круг се ќе оди добро и побрзо ќе се однесе бидејќи има многу помалку материјал, изјави Александар Даштевски, претседател на државна изборна комисија.

За вториот круг испечатени се 1,6 милиони ливчиња како дел од доверливиот изборен материјал.

-Рокот за изработка за вториот круг беше пократок, за седум дена се изработија 1,6 милиони ливчиња. Овде имаше помали ливчиња, побрза манипулација, побрзо се изработија, не се сомневаме во квалитетот и сигурноста, изјави Драги Милошевски, директор на печатницата. 

Гласачките ливчиња се со 20 заштити и како што рече Даштевски, многу е тешко да се фалсификуваат.