Свет
8. March 2018 - 17:22

Неколку илјади Германци умираат годишно од гасовите од дизел возилата

 - Неколку илјади лица годишно умираат во Германија како последица на вдишувањето на честички на азот диоксид што ги ослободуваат дизел моторите на возилата, соопшти денеска германската Федерална служба за животна средина.

Истражување на минхенскиот еколошки научен центар „Хелмхолц“ и компанијата „ВУ Умвелт“ покажува дека речиси 6.000 лица предвреме починале во текот на 2014 година од заболувања предизвикани или поттикнати од азот диоксидот, наведува Службата.

Истражувањето прави споредба на бројот на смртни случаи предизвикани од загадувањето на воздухот во големите германски градови и во руралните региони.

Соопштението на германската Служба за животна средина следува една недела откако Суд во Германија донесе одлука дека градските власти имаат право да забранат движење на дизел возила, како дел од мерките за подобрување на квалитетот на воздухот.