Неизвесност во Гвинеја по државниот удар, меѓународната заедница едногласна во осудата
Шефот на елитната воена единица која изврши воен удар во Гвинеја Мамади Думбоја најави формирање преодна влада и вети дека нема да има „лов на вештерки“ против членовите на поранешната влада. Думбоја рече дека го укинале Уставот, ја распуштиле Владата и институциите и дека ќе подготват нов устав со учество на граѓаните што е можно поскоро.
Но според извор на Дојче веле, државниот удар го спроведува мала група војници, додека останатите, наводно, се уште се лојални на претседателот.
Елитните специјални сили на Гвинеја, предводени од полковникот Мамади Думбоја во саботата влегоа во владиниот кварт на Конакри и ја нападнаа претседателската палата. Тие изведоа државен удар, при што го соборија од власт и уапсија претседателот Алфа Конде, го распуштија парламентот и прогласија полициски час за целата земја. Полицискиот час беше укинат вчера.
По државниот удар, Гвинеја повторно ги отвори копнените и воздушните граници од комерцијални и хуманитарни причини, соопшти воениот портпарол.
Во меѓувреме, на функционерите од Владата на Гвинеја им е забрането да ја напуштаат земјата до понатамошно известување. Думбоја на состанокот со министрите, вклучувајќи го и премиерот и високи владини претставници, рече дека сите ќе мора да ги вратат службените возила.
Преземањето на власта во Гвинеја, земја со најголеми резерви на боксит во светот, ги зголеми цените на алуминиумот од страв од прекини на пазарот.
Сообраќајот во земјата е обновен, а некои продавници повторно се отворија околу главниот кварт Калум во Конакри, каде што завчера беше место на престрелки додека специјалните сили се бореа со војниците лојални на Конде.
Думбоја преку телевизија рече дека копнените и воздушните граници исто така се повторно отворени. И покрај полицискиот час што траеше во текот на ноќта, седиштето на претседателската гарда беше ограбено.
Конде, кој беше на власт повеќе од една деценија, беше приведен од војниците предводени од полковникот Мамади Думбоја, кој го обвини претседателот дека ја персонализирал политиката и дека не прави доволно за да ги подобри економските и социјалните услови на земјата.
Овој потег беше осуден и од генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, кој остро осуди секакво преземање на власта со силата на оружјето и повика на „итно ослободување“ на претседателот Алфа Конде.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел, исто така, го осуди државниот удар во Гвинеја и ја повика војската итно да го ослободи претседателот Алфа Конде.
„Го осудувам насилното преземање на власта во Гвинеја и повикувам на итно ослободување на претседателот Конде“, напиша Борел на Твитер. Тој ги повика сите политички сили во земјата да го почитуваат „владеењето на правото, интересите на мирот и благосостојбата на луѓето во Гвинеја“.
Во сличен тон е и изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. „Го осудувам обидот за насилно преземање на власта во Гвинеја“, порача тој преку социјалните мрежи . Истакнувајќи го приоритетот на мирот и дијалогот во зачувувањето на демократијата, Мишел истакна дека државните институции треба да се зачуваат и да се осигури безбедноста на претседателот Алфа Конде.
По пучот се огласи и Русија, која побара „итно ослободување“ на претседателот на Гвинеја, повикувајќи ги страните да ги решат разликите преку дијалог. Руското Министерство за надворешни работи во соопштението рече дека Москва се противи на „секој обид за антиуставна промена на власта“.
Воениот удар беше осуден и од некои од најсилните сојузници на Гвинеја.
Африканската унија го осуди државниот удар извршен од армијата во Гвинеја и побара итно ослободување на претседателот Алфа Конде. САД, исто така, го осуди државниот удар што го изврши армијата во Гвинеја и побараа итно ослободување на уапсениот претседател Конде. „Ваквите дејствија може да ја ограничат способноста на САД и другите меѓународни партнери на Гвинеја да ја поддржат земјата“, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Думбоја претходно изјави дека сиромаштијата и корупцијата ги натерале неговите војници да го симнат од власт Конде. – Повеќе нема да му веруваме на политиката на еден човек. Ќе му ја довериме на народот, рече Думбоја. Сепак, не е јасно каде е сменетиот претседател, за кого велат дека е во нивни раце. Тие велат дека на Конде „нема да му фали влакно од глава“ и оти за него е обезбеден пристап до медицинска помош доколку му е потребна.
Познато е дека Думбоја сакаше неговата единица да стане независна со напуштање на Министерството за одбрана и извесно време имаше сериозни проблеми со досегашната влада, потсетува Анадолија. По извесно време служење во француската Легија на странци, Думбуја беше назначен за началник на Специјалните сили на Гвинеја во 2018 година, основани од претседателот Конде.
Пред овој пуч, на 19 јули 2011 година, беше извршен обид за атентат на претседателот Конде, кога беше извршен ракетен напад врз неговата резиденција.
На 18 октомври 2020 година, Конде беше избран за претседател по трет пат, со 59,49 отсто од гласовите. Конде, кој првпат беше избран за петгодишен мандат во декември 2010 година со првата промена на демократската влада од независноста на земјата во 1958 година, беше повторно избран за претседател во 2015 година.
Во земја каде што претседателот може да ја извршува таа функција најмногу два последователни мандати, на 22 март 2020 година се одржа референдум за уставни измени што му овозможија на Конде, чиј втор мандат заврши во декември 2020 година, да го добие третиот мандат.
Кандидатурата на Конде за трет мандат стана најдискутираната тема во земјата во последните месеци. Противниците го обвинија Конде дека тој и одредена елита се стекнале со огромно богатство од продажба на бокситна руда, железо, злато и дијаманти. Даноците во Гвинеја значително се зголемија во последните недели, а цените на горивата се зголемија за една петтина, предизвикувајќи ново незадоволство.
Ново на Сител
-
Јаневска: Секој граѓанин треба да ги знае и почитува државните симболи
-
Уште еден случај на опожарено возило - овој пат во Ѓорче Петров
-
Околу 7.600 Сиријци се вратиле од Турција по падот на Асад пред една недела
-
Тошковски: Во премногу рана фаза сме за да навлегуваме во детали за истрагата во Судскиот совет
-
ДПИ: Инспекциски контроли во маркетите низ цела држава, утврдено дека цените се намалени за 10 отсто
-
Тошковски: Уапсени 4 лица, осомничени дека планираат настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста на Македонија
-
Кривична пријава против дебранец за поседување марихуана
-
Тошковски: Засилени полициски активности пред новогодишните празници