Македонија
30. October 2021 - 16:31

Неисчистените оџаци причина за голем број пожари

Во струмичкиот регион една од главните причини за пожарите во зимскиот период се неисчистените оџаци. Од противпожарната единица велат дека за време на грејната сезона една четвртина од вкупниот број на интервенциите што ги имаат се на запалени оџаци кои многу често предизвикуваат и големи материјални штети. Според пожарникарите голем број граѓани освен што не ги чистат редовно нивните димоводни канали тие не ретко користат и мокра дрвна маса, а горат и отпад кој не е предвиден за таа намена. Во последно време се почеста била и појавата на фрлање пепел во кантите за отпад која во голем број случаи предизвикува опожарување на истите.

Чистењето на оџаците пред секоја грејна сезона е законска обврска. Непочитувањето на истата предвидува и високи парични глоби.

Освен паричните глоби граѓаните може да се соочат и со кривични пријави поради  загрозување на животот и здравјето на луѓето и загрозување на останатите објекти. За да не дојде до вакви несакани ситуации и од противпожарната единица и од ДЗС апелираат на граѓаните да го искористат сувото време и да ги исчистат нивните димоводни канали.