Македонија
2. April 2025 - 16:43

Негативно мислење за разрешувањето на обвинителот Коцевски

Советот на јавни обвинители не сака Коцевски да замине од позицијата државен обвинител. По расправа пократка од половина час и зад затворени врати, беше донесено негативно мислење за владиниот предлог за разрешување на првиот човек на обвинителството. Одлуката ја поддржаа шестмина членови на советот. Позитивно мислење, или, поддршка на предлогот за разрешување, имаа тројца членови. За Обвинителката Марјана Илиеска и членовите избрани од Собранието, Кети Петкова и Ардиан Демири, прифатливо е Коцевски да замине од функцијата.

„Членовите на советот разгледувајќи го предлогот на Владата на Република Северна Македонија, по однос на разрешувањето на Јавниот обвинител, донесе одлука со мнозинство гласови на членовите на советот и дава негативно мислење во однос на предлогот на Владата за разрешувањето“, изјави Душица Димитриеска, Претседателка на Совет на јавни обвинители.

Зошто Советот смета дека треба Коцевски да остане државен обвинител, јавноста не можеше да слушне. Пред почеток на седницата, повикувајќи се на закон, деветмината членови едногласно одлучија дека сакаат во салата да бидат сами. Така се штител интегритетот и угледот на јавниот обвинител. Коцевски во својот одговор изнесувал и податоци за дисциплински постапки против вишите јавни обвинители, Цветановски и Хајрулахи.

„Јавноста беше исклучена по предлог на член на Советот кој едногласно беше прифатен од страна на другите членови и со двотретинско мнозинство јавноста беше исклучена се заради заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител, како и заштита на податоците содржани во доказите кои јавниот обвинител ги достави заедно со произнесувањето по предлогот“, изјави Душица Димитриеска, Претседателка на Совет на јавни обвинители. 

Негативното мислење поткрепено со аргументи, советот има обврска да го испрати до Владата.. Во меѓувреме, премиерот најави дека постaпката за разрешување на Коцевски ќе биде во мирување, бидејќи обвинителите работеле на расветлување на кочанската трагедија, а во тој процес покажале резултати.