Нефункционалниот е-дневник ја прели чашата на професорите - дали треба да се врати хартиениот дневник?
Крај на школската година и истиот стар проблем. Е-дневникот не функционира како што треба, а наставниците се жалат дека не можат да ги спуштат оценките и да одржат совети.
Двата синдикати бараат итна надградба на системот, а наставниците враќање на старите хартиени дневници. Велат дека мораат да стануваат во два часот ноке за да ги внесуваат оценките за да ја завршат годината. Од СОНК ни посочија дека веќе разговарале со МОН, но децидни се дека враќањето на хартиените дневници не е опција, бидејќи е застарена алатка.
Од МОН пак уверуваат дека интензивно се работи на надградба на системот, кој сега признаваат има пропусти.
Со поддршка од Европската унија преку ИПА фондовите уште минатата година започнавме процес на изработка на нов ЕМИС систем и нов електронски дневник. Тој процес е во напредна фаза, односно во текот на летниот период ќе се направи тестирање на новите софтверски решенија од страна на МОН, БРО, Државен просветен инспекторат, Државен испитен центар, наставници од училишта и во план е системите на есен да бидат пуштени во употреба, со што очекуваме да се надминат предизвиците кои се детектирани во старата хардверска и софтверска инфраструктура во изминатите години.
Ситуацијата била разгледувана и во партиските комисии за образование. Од СДСМ велат дека се уште го градат ставот, додека за опозицијата нема дилема дека ке мора да се најде некакво решение, па дури и враќање на хартиените дневници, бидејќи очигледно е дека се проблемот со години се провлекува. Прашање е само, велат, дали МОН има капацитет за печатење на дневниците.
Наставниците со години наназад реагираат дека имаат проблеми со софтверот, дека електронскиот дневник кочи, блокира, брише или не се отвара, одговорот од МОН секогаш ист - системот нема да падне.
-
Сања Сеизова Мрмова
Сите содржини од овој новинар