Македонија
30. December 2022 - 16:33

Недостигот на работници најголем предизвик за бизнисот

Недостигот од стручна и нестручна работна рака ќе биде најголемиот предизвик со кој во иднина ќе се соочи македонското стопанство, едноставно нека кој да работи во фабриките поради масовното иселување, оценуваат од Регионалната стопанска комора во Прилеп. Овој системски проблем би бил далеку поголем од сите досегашни кризи и морало итно да се интервенира и да се стопира миграцијата, со тоа што ќе се обезбеди поквалитетен начин на живот тука. А моменталниот недостиг на работна рака сметаат дека треба да се покрие со увоз на работници.

„Можеме да го решиме или со можност за издавање на убрзани дозволи за работа на украинските семејства на кои во овој момент им е неопходна помош. И секако она што јас веќе долго време зборувам е увоз на потенцијална работна сила од земји кои Македонија би им била можност за дополнително заработување за нивните семејства, така и за остварување на некои кариери“, истакна Ирена Јакимоска, претседател на Регионална стопанска комора – Прилеп.

Извозно ориентираните компании и покрај предизвиците во 2022 имале зголемување на бројот на вработени затоа што станале едно од клучните добавувачии на компаниите од ЕУ.

„И сметам дека сега е баш сериозно, право време каде што може да се сконцентираме на техничко-технолошки раст со цел да можеме да ја задржиме нашата конкурентска вредност и да ги задржиме пазарите во Европа“, рече Ирена Јакимоска, претседател на Регионална стопанска комора – Прилеп.

Дел од компаниите пак освен недостигот на работна рака најголем предизвик во 2023 очекуваат да остане високата цена на електричната енергија и бараат поддршка од државата.

„Ние сме мал пазар и доколку сакаме успех мора да бидеме глобално конкурентни. Доколку компаниите во Македонија бидат оставени сами на себе си тоа ќе биде проблем, како што кажав од аспект на глобалната конкурентност, бидејќи на пазарот се соочуваме со фирми кои веќе се субвенционирани од нивните институции“, додаде Љупчо Велески, директор на извоз во прехрамбена компанија.

Од Комората сметаат дека стопанството в година ќе може да понесе ново покачување на минималецот, еден од основните услови за останување на граѓаните во Македонија.