Неделков најавува зголемување на платите за 15 проценти во септември и 3,4 проценти во јануари
15% со септемвриската и уште 3,4% со јануарската плата е договорот кој СОНК го постигна синоќа со МОН. Во писмо до членството, Јаким Неделков објаснува дека синдикатот договорил да учествува во креирањето на буџетот за следната година, потпишување на новите коелктивни договори и исплата на дневници за вработените кои штрајкуваа во април. Ќе се преговара и за постојан раст на платите во корелација со растот на БДП и инфлацијата.
Во писмото до членството Неделков пишува дека во наредниот период ќе има обиди договорот од синоќа да биде престставен како неуспех.
„Во изминатите 20 години, СОНК многу пати се соочувал со вакви предизвици, но како што ви е познато, секогаш излегол со крената глава, уште поброен и уште посилен. Бидете убедени дека и после оваа епизода, ќе биде исто, СОНК ќе најголем, најброен и најсилен синдикат“, пишува Неделков.
Пресметките покажуваат дека од септември наставник во основно наместо досегашната основна плата од 24.700 денари, ќе има 28.400 денари, а во средно од 25.800 ќе се покачи на 29.670. Во градинките, воспитувачките кои досега имаа основица од 25.000 сега ќе земаат 28.700, а негователките наместо 18.700 ќе добиваат основна плата од 21.505. На основица се додава минатиот труд, надоместокот за класен раководител итн.
Власта и опозицијата различно гледаат на синоќешниот договор. За власта дијалогот успеа, за опозицијата наставниците се изиграни.
Синоќешниот договор кога ќе биде во пишана форма, ќе биде ставен на одлучување на Советот на СОНК. Ако биде прифатен, штрајкот ќе заврши. Ако не, повторно ќе се активира. До петок треба да биде најдена и формата како ќе бидат исплатени априлските плати на вработените во градинките затоа што за деновите поминати во штрајк тие добија само придонеси на минимална основица.
-
Наташа Хаџиспиркоска Стефанова
Сите содржини од овој новинар