Македонија
8. May 2019 - 16:21

Не само со партиите, владата да преговара со синдикатите и приватниот сектор за трансферот од јавен во приватен сектор

Без консултација на синдикатите и стопанството не смее да почне процесот на префрлување работници од јавен во приватен сектор, сметаат експертите. Постојат големи разлики помеѓу двата сектори во однос на унапредувањето, но и престанокот на работниот однос, што би претставувало проблем и за работниците и за работодавачите. Проблем е и што миграцијата од јавен во приватен сектор не е регулирана со закон, бидејќи работниците уживаат различни права.

-Ќе треба добро да се осмисли бидејќи станува збор за структурно поместување на вработени од една страна. А од друга страна, ќе треба да се запазат правата од работниот однос на вработените јавниот сектор. Оттука, нужно ќе биде да се вклучат не само политичките партии, туку и синдикатите и стопанството. Особено да се направи добра анализа колкава е апсорбционата моќ на стопанството во моментов во нашата земја, за да може тие луѓе кои што заминуваат од јавниот сектор реално да се вработуваат во стопанството, вели Универзитетскиот професор, Лазар Јовевски.

Според Јовевски, ќе мора многу да се внимава во целиот процес на реорганизација бидејќи станува збор за луѓе, а не предмети.

Поентата е да има што е можно повеќе несакани аспекти во однос на вработената индивидуа. Што помалку стрес, што помалку неизвесност, што помалку непознаници во која насока и каде се движи целиот процес бидејќи тоа се живи луѓе, вели Јовевски.

Министерот Манчевски веќе најави дека резултатите од комплетната реорганизација на јавниот сектор ќе се видат до крајот на годината. А целиот процес ќе се одвива во консултација со сите политички партии за опозицијата да нема простор да обвинува за политички реваншизам. Синдикатите истакнаа дека не се вклучени во процесот. Според Манчевски, „метлата“ која претходно ја најави премиерот Заев ќе ги фати и оние кои земаат плата, а не одат на работа.