Нè очекуваат нови тензии по инцидентите во Алијанса
Нови тензии нè очекуваат по двата инциденти во Алијанса за Албанците. Аналитичарот Петар Арсовски вели дека и во минатото секогаш имало многу тензии кога функционери од одредена партија се бореле за превласт.
Но, новинарот Џенур Исени кој ги следи случувањата во политичките партии од албанскиот политички блок вели дека нови инциденти нема да има. Тој вели дека Села во сабота ќе се обиде да си ја врати партијата назад и да го развласти Таравари.
Но според Исени, Села ја нема моќта што ја имаше кога беше претседател, па затоа и ќе го загуби гласачкото тело.
Исени вели, неминовна е поделба во Алијанса. Но проблемот, според него, е што двете крила на Таравари и Села имаат различна структура на гласачи.
Инциденти поради внатрепартиски превирања имало и во минатото. Арсовски вели дека моќта за тие да престанат ја имаат гласачите.
Во албанскиот политички блок само Интегративците покажаа стабилност и од формирањето на ДУИ во 2002, нејзината моќ се уште не е одземена од помала политичка партија.
Први партии кои се појавија беа ПДП од која произлегоа ПДП-А и НДП, па се обединија во ДПА. ДУИ го презеде местото на ПДП, а од ДПА произлегоа Нова Демократија, која веќе не постои, и Алијанса која ја формираше Села.
Од ДУИ пак произлезе БЕСА која подоцна се подели и од неа се формираше Алтернатива. И последната фракција на ДУИ, на Изет Меџити формираше своја партијата. Набргу потоа БЕСА, Алтернатива и Демократско движење формираа блок наречен „Европски сојуз за промени“.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
