Македонија
4. February 2021 - 16:43

„Не има“: Гоце Делчев е Македонец а Илинденското востание е македонско

Гоце Делчев е Македонец, а Илинденското востание македонско. Тие се нераскинлив дел од историското наследство на Македонија и не можат да бидат дел од никакви политички пазарења. Се додека за Софија Македонија е Бугарија и македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, овој став ќе се смета за непријателски обид Македонија да стане држава без територија и народ. Ова беа едни од главните заклучоци на резолуцијата што ја донесе граѓанскато здружение „НЕ ИМА“ денеска во Прилеп, на одбележување на 149 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. На средбата беше предложено и помирување со Бугарија.

„И покрај се и после се предлагаме македонско-бугарскко историско помирување со бугарското извинување за историските и општествените неправди врз македонскиот народ и македонските евреи за време на фашистичката окупација од 1941 година. Склучување на договор за траен мир и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, но врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност што подразбира взаемно почитување и разбирање и соработка по сите прашања“, истакна Илија Богатиноски, в.д. претседател на граѓанско здружение „НЕ ИМА“.

Поради пандемијата Македонците од дијаспората годинава не дојдоа на средбата, таа се одржа онлајн. Македонците од Бугарија истакнаа дека и понатаму трпат огромни притисоци од Бугарија, иако имаат 14 пресуди од судот во Стразбур во нивна корист. Премногу се разочарани и од Македонија која никогаш не се потрудила да ги заштити.

„Се уште имаме случаи на тормозење на наши членови и распрашување преку викање во полицијата, закани, македонското малцинство е под постојан говор на омраза кој никој не го санкционира. Имаме официјално негирање на сите нивоа, асимилација, дискриминација, нарушено право на мирни собирања. Од друга страна тажното е тоа што Македонија, наспроти својата уставна обврска да се грижи за македонското малцинство, нема направено ништо значајно, дури и го нема покренато официјално прашањето за нашето малцинство, ниту директно пред Софија, ниту како важен услов за ЕУ интеграцијата на Бугарија“, рече Стојко Стојков, ОМО „Илинден“ Пирин.

„Ние Македонците од ОМО „Илинден“ си ги сакаме нашите национални права во Пиринска Македонија и Бугарија, како што се изучување на македонска историја на македонски јазик. Да си ја запазиме нашата култура и традиција“,кажа Кирил Тилев, ОМО „Илинден“.

Како и секоја година оваа усвоена резолуција од денешната средба ќе се упати до сите надлежни државни органи на Македонија.