Живот
28. July 2015 - 11:22

Не е криза на парите, криза е на моралот

Баравме правници и се пријавија барем 300. Едвај најдовме еден. Потоа баравме инжинери, се пријавија 100, останаа да работат тројца. Најголем проблем е што има море од дипломи, но нема луѓе кои знаат да работат. Да знаат и да сакаат.

Така овие денови зборува пријател кој се бави со приватен бизнис и кој секако сака добро да работи.

За да се одржи фирмата, во која вложил голем труд и половина живот, но и да се развива, тој знае дека прв и единствен услов е да работат луѓе што си ја знаат својата работа. Тој чиј ризик на лошо работење е најголем, луксузот на вработување на незнајковци не може да си го дозволи.

Секако, за разлика од државните служби или јавните компании, кои се златни кокошки за партиските кадри, кои тука не се ни донесени да знаат и да сакаат, туку да слушаат или партијата да им се оддолжи.

Приватникот од почетокот на оваа приказна не греши кога како најголем проблем со кој се соочува општеството, го гледа во недостигот на тие кои знаат да работат.

- Ние се ќе направиме лесно. Ќе помине и економската криза, но нема да има кој да работи. Ако од 100 луѓе со дипломи на инжинери, знаат тројца, јасно е каде тоа оди, вели тој.

Светот по пат, ние по шума

Дали за се е виновно штанцањето на дипломи на приватните инстант факултети? Или корупцијата во образованието? Секако дека не е. Тука има се.

Токму овие денови пријателка штотуку пристигна од Америка и ми кажува слична, а различна приказна.

- На колеџ кај нив можеш да препишуваш колку сакаш и да се служиш со какви сакаш измами да дојдеш до диплома. Ти дозволуваат тоа да го правиш, бидејќи го правиш за себе. И што се случува? Кога ќе дојдеш на работа и работодавецот ќе види дека не знаеш ништо, дека не знаеш да работиш, истиот ден добиваш отказ. Ако знаеш, те чуваат како капка вода и те форсираат во она во што си најдобар, бидејќи во тоа даваш најмногу на компанијата, вели таа.

Затоа Америка е тоа што е. И се наоѓа таму каде што е. Затоа претседателот на Америка и рече дека се подготвени да увезат милион луѓе додека не добијат барем еден гениј.

Има уште нешто интересно во таа приказна за трудот. А тоа е дека последните години тука кај нас, некои професии исчезнаа, некои пропаднаа. На пример, исчезна војската. Порано, до војната, високата средна класа ја сочинуваа офицери. Денес местото на офицерите го заземаа свештеници.

Велат дека тоа занимање станало многу популарно, а младите велат дека последните години целосно е Ин да се биде попадија. Песната „Жените ги сакаат офицерите“, со тие промени во реалниот живот, отиде во историјата.

Уште подобро се држат и лекарите. Голем број млади се одлучуваат да студираат медицина. Кога ќе ги прашате зошто, најмногу од нив ќе ви одговорат како од топ, поради пари. Нешто помал број од нив ќе кажат – бидејќи сакам да им помогнам на луѓето. Во тие неколку проценти се тие кај кои ќе смеете да одите да ве лечат.

Сепак, најмоќно и најпосакувано занимање денес е банкар.

- Таа работи во банка, е реченица која секој просечен граѓанин ја изговара со стравопочит. Бидејќи, во банка се парите, а парите се моќ. Секој кој работи во банка во перцепцијата на обичниот народ има моќ, како сите тие пари да се негови.

Уште едно во последните години многу популарно занимање е професор на Универзитет. И до овој порано највисок степен не се стигнува тешко. Условот за тоа, како што пишува во статутот на тукашниот Универзитет, повеќе не се објавените научни трудови во светски стручни списанија, туку едноставно формална диплома и формален докторат. Како на сите други, така е и на академијата за уметност. Кај нас ни Пикасо да воскресне не би можел да биде професор.

Огледало

А како е со новинарството? Исто. Некогаш популарната, добро платена и угледна професија е во фаза на изумирање. Голем број млади колеги, бистри луѓе спас побараа на местата портпарол или во маркетиншки агенции.

Неколку причини доведоа до тоа новинарството да стане многу непосакувана професија. Прво и основно, платите се мали. Според последниот извештај на ОБСЕ во земјите на поранешна Југославија, тие се движат од 200 до 500 евра. Јасно е дека од тие плати ниту еден маж не може да храни семејство, поради што зголемен е бројот на жените кои се бават со новинарство.

Секој човек на кого платата не му стигнува ни за џепарлак, побегнал таму каде не се работи многу и каде се заработува двојно повеќе.

Постои и друг момент, а тоа е односот кон работата. „Не можат тие мене малку да ме платат, колку што јас можам малку да работам“; и во новинарството, како и во другите струки, ова стана мото. Иако е целосно нејасно како некој воопшто може да биде полош новинар од што е, затоа што му е помала платата? Исто како и глумецот. Или си глумец со големо Г, или епизодист.

Потоа дојде до хиперпродукција на правење на новинари. А во таа хиперпродукција т.н. инстант новинари во практичната едукација прескокнуваа по неколку скалила, што во крајната медиумска слика даде многу лош и тажен тон. Хиперпродукцијата создаде толпа полуобучени, но самозадоволни. Посебен вид се колумнистите. Кога „Господ одеше по земјата“, а новинарството беше професија која се почитуваше, тоа можеа да бидат само најискусните новинари.

Денес со овој спорт се бават тие кои тешко умеат да напишат вест. Нешто слично како кога столар (а и новинарството е занает) прво направил американски плакар, а потоа учел да остри секира.

Оваа мала приказна за новинарството е приказна за големината на професијата, за нивната девалвација до која го доведе, пред се моралниот пад. Затоа дијагнозата за општата состојба може да гласи: „Не е криза на парите, туку е криза на моралот’. А од таа криза многу потешко се излегува. вз/сп/10:42