Бизнис
15. August 2017 - 20:06

НБРМ: Во јуни исплатени над 2 милијарди евра кредити за домаќинствата

Во јуни вкупните кредити на домаќинствата достигнале 2 милијарди 180 милиони евра. Тоа е за 192 милиони повеќе од истиот месец лани, покажуваат новите податоци на Народната банка.

Кај физичките лица кредитите во јуни изнесуваат 2 милијарди 32 милиомни евра од кои половината или над милијарда се потрошувачки.

Во пораст се и станбените кредити кои достигнале близу 511 милиони евра. Автомобилските кредити се намалуваат и во јуни изнесувале 48 милиони 780 илјади евра.

Физичките лица се задолжени со близу 200 милиони евра на кредитни картички и се во минус од вкупно 103 милиони евра на тековните сметки.

Каматата која банките им ја пресметале во јуни е 12 милиони 650 илјади евра. Сомнителните и спорни побарувања се вкупно 50 милиони 243 илјади евра.

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на последната седница констатира дека по стагнацијата на економската активност во првото тримесечје, показателите за вториот квартал упатуваат на подобрување на состојбата на економијата.

Кредитната активност расте со солидно темпо, при раст на кредитната поддршка и на корпоративниот сектор и на населението. Годишниот раст на кредитите на крајот на јуни изнесува 5,8 процент што е над очекувањата на централната банка за второто тримесечје на годината.