Балкан
20. December 2016 - 12:27

НАТО сигурно има план за Балканот

НАТО сигурно има некои конкретни планови во случај на нарушување на стабилноста на Балканот, но за какви интервенции би се работело не е познато, оценуваат експертите, по медиумските написи дека НАТО е подготвен оперативно да интервенира на Западен Балкан. Исто така, сметаат експертите, малку е веројатно дека би можело нешто да се случи во скоро време.

Повикувајќи се на тајни документи на Северноатланскиот пакт, загрепски Вечерњи лист објави дека на ниво на министри за надворешни работи на земјите на НАТО неодамна е усвоен документ во кој се наведува дека НАТО е подготвен оперативно да интервенира во Западен Балкан кога тоа ќе биде потребно, со цел да спречи мултиетнички судир и да промовира безбедност и стабилност.

Според тврдењето на овој весник, во документите детално се опишуваат два вида на закани со кои се соочени државите на Западен Балкан: дестабилизирачко однесување на Русија и растечкиот екстремизам и радикализација, како последица на враќањето на странските борци од Сирија и Ирак. Министерот за надворешни работи на БиХ Игор Црндак вели дека за овој документ прочитал во медиумите и дека не видел сличен документ.

Игор Црндак: Ние не сме црна точка на Европа

„Ние сме свесни дека постои опасност од тероризам. Не толку одамна видовме што се случи во Франција во Париз и Ница. Во Турција и во други земји. Но, ние не сме никаква црна точка на Европа. Ние се обидуваме да изнесеме таков факт во светот, бидејќи тоа е навистина така. А јас навистина не добив никаква официјална информација ниту видов документ од таков вид” – рече Црндак.

Шефот на делегацијата на ЕУ во БиХ Ларс-Гунар Вигемарк, коментирајќи го ова прашање, рече дека НАТО веќе е присутен во БиХ и дека постои добра соработка со силите на ЕУФОР, потсетувајќи дека во октомври во близина на Бањалука одржале и заедничка вежба.

„Кога е во прашање тероризмот, во БиХ и во изминатите две години имавме два случаи во Зворник и во Сараево, но од тоа не треба да се прави хистерија. Треба да се има на ум една поширока перспектива, а тоа подразбира развој на регионалната соработка: „Ние сме тука да ви помогнеме и да ве поддржиме” – рече Вигемарк.

Пораки за одвраќање

Во делот објавен во документот кој се однесува на Босна и Херцеговина, според тврдењето на Вечерњи лист, се наведува дека „Русија пружа и политичка и економска поддршка на ентитетот Република Српска, за да го попречи евроатланскиот пат на БиХ”.

„Претседателот на Република Српска Милорад Додик, според оценката на НАТО, настојува да ги поткопува евроатланските интеграции на БиХ, што се гледа и во неодамнешното распишување на нелегален референдум, но и во тоа дека неговиот ентитет одбива да ги регистрира воените недвижнини” – ги наведе „Вечерњи лист” деталите од документот.

Секретарот на Центарот за безбедносни студии од Сараево Денис Хаџовиќ вели дека НАТО сигурно има некои конкретни планови во случај на нарушување на стабилноста на Балканот, посевбно ако се има предвид дека има трупи на Косово и седиште во Сараево.

„Конкретни планови сигурно постојат во случај на нарушување, но јас не сум сигурен дека сега постои посебна загриженост од состојбата на теренот. Според некои показатели, нема анализи кои укажуваат дека нешто би можело да се случува во наредниот период. Но, велам, планови веројатно постојат и сите очекуваме да ја има таа подготвеност, бидејќи тоа ни е гаранција за мир и стабилност во регионот” – вели Хаџовиќ.

Милош Шолаја: БиХ не е толку геополитички и стратешки важна, колку што ние би сакале да биде

Ако е точно ова што го наведуваат медиумите, се чини дека повеќе се работи за некои пораки на одвраќање, бидејќи НАТО не е тој кој на ваков начин би ги решавал етничките конфликти на Балканот, смета професорот на Факултетот за политички науки од Бања Лука Милош Шолаја.

„Тоа би бил апсолутен пораз на западната меѓународна заедница кон Балканот, по цели 20 и нешто години со оружје да се обидат да решат некој проблем. Единствена можна причина би можела да биде руската стратешка закана, но мислам дека ни тоа не е , бидејќи БиХ не е толку геополитички и стратешки важна колку што би сакале ние да биде” – оценува Шолаја.

„Според тоа” – заклучува Шолаја, „тоа може да е едно предупредување, со политички средства да се обидат да решат некои конфликти во БиХ, кои дури и не се толку големи како во некои други држави во регионот како што е Македонија”.

Ако ова се навистина некои пораки, сметаат експертите за безбедност, тогаш се упатени на тие политичари кои изјавуваа дека меѓународната заедница во Босна и Херцеговина нема повеќе инструменти на принуда кои би можеле да ги искористат.