Натка и Орце принц и принцеза на Струмичкиот карневал
Брачниот пар Натка и Орце Спасови од карневалската група „Живи мртовци“ се принц и принцеза на Струмичкиот карневал.
Оваа одлука ја донесе жирито на синоќешниот маскенбал, што се одржа во Хотелот „Сириус“ во Струмица.
- Со голема чест и задоволство го примаме признанието и ќе бидеме достојни на задачата успешно да ја предводиме големата карневалска поворка, рече принцезата Натка.
Тие вечерва заедно со кралот и неговата свита ќе ја предводат поворката на Интернационалната карневалска вечер.
Со оро, чочек, рок, староградска музика и танцот од Аруба, но и со маски и костуми какви што беа „Струмички пеперутки“, „Живи мртовци“, „Шкотланѓани“, „Лажица и бунела (вилушка)“, „Гусари од Хрватска“, „Девојки со чадори“, „Снегулки“ и многу други поединечни маски направени со многу труд и љубов беше најавен главниот настан на Струмичкиот карневал.
Маскенбалот уште еднаш потврди дека тој е единствено мерило за квалитетот на кулминацијата на струмичките карневалски празнувања.
- Очекуваме едно извонредно издание на Струмичкиот карневал и ќе потврдиме дека не сме случајно избрани меѓу седумте најатрактивни зимски настани во Европа, рече претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов.
Неговото мислење го дели и претседателот на Европската федерација на карневалските градови, Фердинад Ван дер Крон.
- Јас сум голем поддржувач на вашиот карневал и многу сум среќен кога гледам како од година во година е се поголем и поубав. Очекувам успешно издание на главната карневалска вечер, рече Крон.
Најголемо внимание кај учесниците на маскенебалот привлекоа гостите од холандскиот остров Аруба, кои настапија со нивниот танц „сако“ во атрактивни костуми.
- Ние и лани бевме на Струмичкиот карневал. Годинава сме побројни. Нашата карневалска група брои педесет членови и ќе се претставиме со нашиот танц „сако“, кој е мешавина од музика и танци од Тринидад и Тобаго. Ги покануваме сите да дојдат на плоштадот во Струмица и да го проследат нашиот настап, но и да останат потоа и да уживаат во нашата музика и игра на „Ноќ на Аруба“, рече Саира, водач на карневалската група од Аруба.
Домашните учесници со голема радост зборуваат за учеството на маскенбалот и главната карневалска вечер.
- Мене единствен мотив да учествувам ми е да бидам нешто друго во споредба со останатите 364 денови во годината, рече Наташа Донева.
На маскенбалот присутвуваше и градоначалникот на Струмица Коста Јаневски.
-Ова ми е прва година како градоначалник и покровител на Струмичкиот карневал да се појавам на маскенбалот, кој е увертира во претстојниот голем карневал. Очекувам добра забава, а гостите да си поминат убаво, рече градоначалникот Јаневски.
На денешната Интернационална карневалска вечер, која почнува во 18,30 часот, ќе учествуваат околу две илјади учесници распоредени во 41 група од земјава и странство.
Жири комисијата ќе ги оценува нивните креации, а за најдобрите во повеќе категории се предвидени парични награди.
Ново на Сител
-
Дебата во Собранието за намалување на процентот на репрезентативност на синдикатите во ЕСС
-
Регионалниот центар за гранични работи Исток расчисти случаи на кражба на огревно дрво и незаконски транспорт на дрва
-
Муцунски во посета на Париз, фокусот на реафирмирање на француската поддршка за евроинтеграциите
-
МВР: 25 земјоделци и 2 претпријатија измамени од вкупно 141.650 евра
-
Аритон Ала е нов заменик-претседател на Судски совет на РСМ
-
Контроли во угостителски објекти во Куманово, изречени десет глоби
-
Почина тригодишно дете од Кавадарци
-
ЕК: Бугарија ги исполнува условите за влез во еврозоната од 1 јануари