Македонија
17. December 2021 - 19:34

Направена деветтата трансплантација од починат донор годинава - Двајца пациенти денеска се спасија од дијализа

На Клиниката за Урологија денеска пресадија бубрези од кадавер кај двајца пациенти кои со години оделе на дијализа. Донорот е 64 годишен маж кај кого по констатирање на мозочната смрт на КАРИЛ семејството дало согласност за донирање на повеќе органи. Но поради возраста биле искористени само бубрезите. Денешната кадаверична трансплантација е деветта за една година, што според тимовите вклучени во овој процес е голем успех и напредок во пресадувањето на органи но, како што велат, и свесноста за органодарителство е на поголемо ниво. 

Од мај 2020 кога беше направена првата трансплантација на срце во земјата, досега уште 4 пациенти добија нов живот а за прв пат беше направено и пресадување на коскено ткиво на ортопедија.

На Урологија, пак, направија 24 трансплантации на бубрези со што се намалени и листите на чекање но и растеретени центрите за дијализа.

 

Сања Димитровска