Наместо за капитални инвестиции државата ги трошела парите да враќа рати за кредити
Државата излажала дека 130 милиони евра се вложени во капитални инвестиции, а со тие пари го помагала ЕСМ и плаќала рати за кредити на „Државни патишта“ и „Железници“, покажува истражувањето на центарот за граѓански комуникации. Наместо да се градат патишта, градинки и домови за стари лица, да се реновираат болници и да се купува медицинска опрема, Владата и општините покривале трошоци од енергетската криза.
Притоа потрошиле 220 милиони евра наменети за проекти кои требале да го подобрат животот на граѓаните. Истражувањето покажува дека од крајот на 2021 година до минатиот месец, Владата префрлила близу 380 милиони евра на ЕСМ, но нејасно е колкав дел од овие пари навистина послужиле за справување со кризата, а колку пари се дадени за да се пополни дупката од нерационалното работење. Исплатени биле и сомнителни 10 милиони евра на „Пошти“, „Национални шуми“ и „Водостопанство“.
Поради ваквите трошења, пропаднати се проекти во здравството, земјоделието, патната инфраструктура...
„Освен познатите, Општата болница во Кичево и Клиничкиот центар во Скопје и Штип, оневозможена е и реконструкција на цела низа јавни здравствени установи во земјава, дел се работело за изградба на нови операциони сали и сл. Нотирани се проекти во вредност од 5 и пол милиони евра кои требало да се реализираат, а целосно се нереалзирани во областа на социјалната заштита“ – Сабина Факиќ, Центар за граѓански комуникации.
50 милиони евра биле потребни за повисоките сметки за струја на државните институции. Но, имаат и дополнителни 25 милиони евра од неплатени фактури, исто така, за струја.
За време на кризата станале позадолжени за 30%, со што вкупниот долг изнесува 800 милиони евра. Дел од нив останале и без ветените проекти.
„Требало да се инвестира во ИТ Опрема во УЈП и да се реконструираат нивни канцеларии – тоа не е направено. Без реализација останало и планирано реновирање на амбасади, конзулати и резиденции во странство. Проширување на просториите и заштитена соба требало да има во Собранието, а и тоа остана без таа соба“ - Сабина Факиќ, Центар за граѓански комуникации.
За прибирање и обработка на податоците им биле потребни 9 месеци на истражувачите кои наишле на затворени институции, ама и грешки.
„Се соочивме со грешки во самите официјални документи, на завршна сметка на буџетите“ – Герман Филков, Центар за граѓански комуникации
„Рекоа дека корекција ќе направат дури со финалната завршна сметка која ќе биде усвоена во Собранието, тоа може да се случи дури следната година“ – Сабина Факиќ, Центар за граѓански комуникации
Експертите бараат наместо да се крати од проекти за подобар живот на сите, функционерите да си скратат од своите бенефиции.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар