Македонија
25. September 2022 - 16:35

Намален интерес за користење гас во Струмица

Економската и енергетската криза, но и војната во Украина го намалија интересот за природниот гас во Струмица.  Дел од домаќинствата кои претходно  поднеле  барање за приклучок ја прекинале постапката. За разлика од лани кога јавното претпријатие Струмица гас имале рекорден број на нови приклучоци во домаќинствата, годинава немаат реализирано ниту еден. Во стопанството сликата е малку поинаква, таму и понатаму се прават нови приклучоци бидејќи цената на гасот се уште е  пониска во однос на индустриската струја.

И покрај нестабилната состојба  на пазарот,  од Струмица Гас уверуваат дека снабдувањето нема да биде проблем. Тие имале обезбедено доволно количини, а веќе правеле и дополнителни јавни набавки. Единствено што останува неизвесно е цената  која зависи од случувањата на светските берзи.

Во моментов корисниците на природен гас во Струмица плаќаат околу 99 денари за метар кубен природен гас или двојно повеќе во однос на истиот период лани кога цената била помеѓу  46 до 48 денари во зависност од движењата на цените на берзите. Во Струмица моментално природен гас користат околу 400 физички и правни лица. Од почетокот на  годината домаќинствата од страна на општината добиваат и субвенционирање  на сметките за гас во висина од 10 денари за потрошен кубен метар. Неколку години претходно општината го субвенционираше и секој нов приклучок во висина од по 100 евра.