Македонија
22. April 2025 - 14:17

Намален е бројот на годишни пријави за семејно насилство во Куманово

Намален е бројот на годишни пријави за семејно насилство во кумановската полиција, информираа денеска од СВР Куманово. Во 2024 година биле евидентирани 348 пријави, што е намалување за 56 во однос на 2023-тата година кога имало 404 пријави.

- Во пријавените кривични дела од семејно насилство обично како жртва се појавува жена над која е употребена физичка сила од страна на сопруг, вонбрачен другар, разведени или во процес на бракоразводна постапка. Во одредени настани сторителите биле под дејство на алкохол, антидепресивни лекарства и психотропни супстанции, и се заканувале со огнено, ладно оружје или тврди предмети, информираше полицијата.

Полицијата уапси дваесетгодишен велешанец кој извршил осум кражби за еден месец во угостителски и деловни објекти во Куманово, соопшти денеска СВР Куманово.

И од кумановскиот Центар за социјални работи информираат дека има намален број на пријави. Според податоците на Центарот, најчесто жените се жртви на семејно насилство, повозрасни членови на семејствата и децата. Од СВР Куманово информираат дека поретки се случаите каде семејното насилство е извршено од страна на син над мајка – татко, татко и мајка над син, или внук над баба. Во тие случаи како причина за насилство се наведуваат побарување на парични средства заради набавка на наркотици, имотно правни неразрешени односи и друго.

- Зајакната е свеста за пријавување. Жртвите се охрабруваат. Децениските кампањи на институциите, како и објавите на медиумите придонесоа жртвите да не се плашат и да пријават. Сепак, сè уште има случаи кога во последен момент жртвите најчесто заради економската независност, неподдршката од семејството, роднините, пријателите, жртвите ја повлекуваат пријавата, изјави социјалниот работник, Елизабета Ангеловска, водител на случај во Центар за социјална работи, Куманово.

Кумановската полиција регистрира повторување на овие дела, жртвите по неколку пати ги пријавуваат сторителите на насилството.

- Во неколку случаи, инцидентите на семејно насилство биле пријавени повеќекратно во истото семејство, укажувајќи на повторувачко однесување. Кај одреден дел од пријавите се завршиле со повлекување од кривично гонење од страна на оштетените, соопштија од полицијата.

Секој случај е различен, објаснува Ангеловска. Центарот за социјални работи по првичната проценка и психосоцијалната поддршка ги насочува жртвите кон други институции кои можат да помогнат да не се вратат во насилната средина. Агенцијата за вработување нуди повеќе можности за поддршка на жените-жртви на семејно насилство.

- Во однос на заштита на жртвите се поднесуваат и привремени мерки за заштита до Основен суд Куманово. Доколку мерките бидат прекршени се поднесува кривична пријава до основно јавно обвинителство. Може да се случи и да има подобрување така што го известуваме судот дека мерките дале позитивен резултат, вели Ангеловска.

При решавањето на случаите работи мултисекторски тим во кој освен Центарот за социјални работи, вклучени се и МВР, образование, здравство.

- Во случаите во кои мора веднаш да се интервенира, мора да постапувам мултисекторски тим. Најчесто се поднесува кривична пријава до обвинителството, додава Ангеловска.

Најчесто жртви се жени од 30 до 50 години.