Македонија
21. November 2016 - 16:06

Намален бројот на кривични дела во Делчево

Делчевската полиција во првото полугодие од годината, регистрирала намалување на кривичните дела за 78 проценти во споредба со лани или вкупно 46 кривични дела се извршени  од 44 сторители. Најголем дел се од областа на општиот криминалитет, вели командирот на ПС Делчево Кирил Синадиносвки кој истакна дека во Делчево се регистрирани 20 кражби од кои 12 се квалификувани како тешки. 

-Од вкупниот број кривични дела, 23 се сторени од нн сторител од кои расветлени се 16 дела, 23 кривични дела се пријавени од познат сторител, а од нив  85 отсто се расчистени и се поднесени соодветни пријави до ОЈО во Делчево. Од вкупниот број кривични дела од страна на малолетници се извршени две кривични дела, а останатите кривични дела се извршени од полнолетни лица, истакна Синадиновски.

Тој додаде дека во овој период се зголемил процентот на нарушувања на јавниот ред и мир за 23 проценти при што се регистрирани 53 прекршоци од кои најмногу во градот.

-Најголем дел, 16, се физички напади, учество во тепачка, непристојно однесување, два прекрошци се евидентирани за лажно пријавување, 10 се за уживање во наркотични дроги, а една е поднесена за несовесно чување куче. Најголем дел од нарушувањата се случиле во градот односно 55, а осум во населените места, рече Синадиновски.

Синадиновски истакна дека во однос на превентивното работење од страна на службата има зајакнато покривање на сите јавни места со зачесено присуство на униформирани полициски службеници.

-Сумирајќи ги податоците можеме да констатираме дека активноста, реализацијата и ефикасноста на ПС Делчево во овој период е зголемена во сите сегменти на дејствување и работење. Зголемена е во во областа на криминалитетот, јавниот ред и мир, сообраќајот, спроведените контроли, превенцијата при што напоменуваме дека и во иднина ќе продолжиме со засилена и ефикасна реализација се со цел поволна стабилна безбедносна состојба на подрачјето на Општина Делчево и зголемена безбедност и сигурност на нашите граѓани, порача Синадиновски.

Во првото полугодие од годината е зголемен  бројот на сообраќајни незгоди и тоа за 136 проценти, односно има 26 сообраќајни незгоди, со тешки последици 13, а со помала материјална штета 13, при што се повредени 30 лица.

Ново на Сител