Бизнис
23. September 2020 - 19:54

Најмногу нови вработувања во МВР и општина Бутел

За три години во министерствата, Владата и општините се вработиле нови 694 лица. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека бројот на вработени во Владата и министерствата се зголемил за 3,1%, а во општините за 2,2%.

 “Кај министерствата и кај Владата имаме зголемување по сите основи, редовен работен однос, привремени вработувања и ангажирање на договор на дело. Меѓутоа, она што отскокнува е зголемувањето кај привремените вработувања, кое што е пораснато за 337% во овие три години, односно од 62 на 271 човек во овие три години. Кај општините, пак, она што отскокнува е намалувањето на ангажирање на луѓето на договор на дело за 31%, односно од 620 на 428 луѓе”, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Најмногу нововработени има во Министерството за внатрешни работи, а најголемо кратење на кадарот во Министерството за одбрана.
Рекордер меѓу општините е Бутел, со нови 122 вработени, додека во Карпош сега работат 124 луѓе помалку, отколку пред три години.

“Би ги апострофирал случувањата со привремените вработувања затоа што се нешто што Владата рече дека ќе ги укине, меѓутоа само одредени институции, како Министерството за информатичко општество се држеше до таа најава и нема такви вработувања, додека кај другите институции овој број, како што гледаме расте. Проблемот со привремените вработувања е што агенциите одредуваат кои луѓе ќе работат, а сепак работат во државна институција, значи во јавна администрација, а институцијата не ги избира тие луѓе. Бидејќи ако се вработат на редовен работен однос има процедури и постапки по кои тие луѓе се вработуваат. Вака тие процедури и постапки се дерогираат и мислам дека тоа е проблем”, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Од Центарот за граѓански комуникации потенцираат дека во истражувањето недостигаат информации за Министерството за политички систем и Општина Сарај, од каде не доставиле податоци.