Бизнис
27. February 2016 - 19:15

Најдоцна до јуни ќе почне изградбата на две гасификациски мрежи

Најдоцна до јуни ќе почне изградбата на две гасоводни мрежи, инвестиција од 46 милиони евра, информираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Груевски рече дека во мај или најдоцна во јуни се очекува да почне изградбата на гасоводната мрежа од Штип до Неготино и на мрежата од Скопје до Тетово. Двете гасоводни мрежи ќе бидат во должина од 110 километри.

На тендерот за изградба на мрежата од Штип до Неготино понуди доставиле седум компании, од кои четири имале имаат потполна документација. Во тек е проценката на понудите, додека тендерот за гасоводната мрежа Скопје – Тетово треба да заврши на 10 март.

– Мислам дека работите добро ќе се одвиваат затоа што се поставени на вистински основи. Ова е т.н. втора фаза. Следува натамошна фаза со која ќе се продолжи од Тетово до Гостивар и Кичево и од Неготино до Прилеп, Битола, Охрид. Се планира кон сите поголеми градови да се продолжи изградбата на гасоводната мрежа, изјави Груевски при денешната посета на Кратово.

Груевски рече дека при крај е и изградбата на гасоводната мрежа од Клечовце до Штип која се очекува да заврши најдоцна до јуни.