Македонија
10. January 2021 - 16:42

Надојдениот Драгор закана за водоснабдувањето на Битола

Алармантна е состојбата на реката Драгор кај пумпната станица која се наоѓа во населбата Довлеџик во Битола. Силните врнежи, значително го зголемија водостојот на реката, а силниот налет на водата која носеше се пред себе, направи сериозен ископ на брегот во близина на еден од најклучните објекти за водоснабдувањето на Битола. Механизација на сите јавни претпријатија од утрово се на терен во обид да се контролира и санира состојбата.

-Најкритична точка, бидејќи токму е во близина на пунктната станица преку која се врши водоснабдување на општината, но и околните општини, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

-Состојбата е премногу алармантна, нивото е на високо ниво на реката Драгор, носи се пред себе, од стратешко значење е објектот. Водата мора да се пумпа од овој објект, да се снабдуваат жителите на 4 општини со вода. Голем дел од речното корито е однесено, реката е е многу надојдена, вели Горан Козаров, директор на ЈП Водовод.

Директорот на ЈП Водовод потенцира дека текот на речното корито на реката Драгор е изместено, а пумпната станица е лоцирана токму на свиок.

-Луѓе кои имаат објекти околу, правење насипи, проширување на плацевите, текот на речното корито е изместен. Овој потпорен ѕид кој беше направен пред нецел месец ја спаси целата ситуација, бидејќи досега пунктната станица ќе беше под вода. Речното корито е комплетно изменето и аглите на еден дел се благи, на друг остри затоа доаѓа на откинување на брегот. За жал овој објект се најде на таков свиок, вели Козаров.

-Овој дел треба да го санираме за да не се случи дополнително непријатна ситуација од витално значење за градот, вели Петровска.

Дека водостојот на реката Драгор е значително зголемен можеше да се види долж коритото низ градот. Јавните претпријатија интервенирале и на јавувања од граѓани чии подрумски простории биле поплавени. Се интервенира и во неколку села. Од ЈП Стрежево пак велат дека акумулацијата е подготвена да ги прифати водите од врнежите, а дежурни екипи ја следат ситуацијата на терен со цел превенција од поплавување.