Македонија
14. August 2019 - 16:22

Надлежните механички го бришат сонцето од Вергина од јавните простори

Се брише сонцето на Вергина а процесот почна од градските шахти. Веќе две недели по налог на Градот, ЈП Водовод и Канализација со брусалица ги отстранува симболите согласно преспанскиот договор.

Екипите на Водовод и канализација денеска работеа на потегот кај Плоштадот Филип Втори. Со брусалица го бришеа сонцето од Кутлеш од градските шахти.

Одлуката доаѓа од Владата а се однесува на локалната самоуправа и општините. Ставот на ресорниот министер е дека нема ништо спорно бидејќи договорот со Грција е прифатен со двотретинско мнозинство во парламентот.

Одлуката на Владата е за локалната самоуправа. Сонцето на Вергина е тргнато од знамето од 1995 година, така да не знам зошто сега се отвора тоа прашање. Преспанскиот договор е јасен, тоа да не се користи за државните институции, се разбира и за локалните институции и сега дојде моментот таа одредба да се имплементира. Преспанскиот договор е прифатен од Собранието со двотретинско мнозинство и граѓанитие се запознаени со чекорите што следуваат.

Симболот на сонцето на Вергина ќе треба да се отстрани од сите јавни места и објекти од јавна употреба. Редоследот го прават надлежните институции.  Сонцето од Кутлеш го има на речиси сите градски фонтани, на фасади, знамиња и грбови. Обврската важи за сите освен за спомениците на кои според министерот Милевски сонцето од Кутлеш може да остане но со натпис дека тоа е  обележје означува одреден историски период.

Спомениците кои се во некои градови треба само да се обележи дека тоа е споменик од античкиот период, од еленистичкиот период. Не да се отстрануваат, туку во фуснота да се наведе од кој период е конкретниот споменик. Мислам дека тие се неколку, за Битола, Прилеп, како спомениците од Александар Македонски, Филип Втори. - изјави Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

Граѓаните сепак ќе можат Вергината да ја користат на приватни имоти. За нив  нема санкции, додека институциите кои нема да ја спроведат наредбата ќе се казнат согласно законот.