Над 80 проценти од возилата ќе добијат црвена или жолта еколепенка
– Со црвени, жолти и зелени лепенки на возилата ќе се намалува аерозагадувањето во Скопје. Еколошкото категоризирање на возилата е една од првите поконкретни долгорочни мерки што ги планира Владата за активна борба против загадувањето на возухот, за што предложи измени и дополнувања на Законот за возила.
Новите законски мерки, кои веќе се во собраниска постапка, предвидуваат еколошка лепенка во црвена, жолта или зелена боја за секое возило, во зависност од тоа колку загадува, според кои ќе се ограничува движењето на возилата во денови со зголемена загаденост на воздухот.
Македонија има стар возен парк, па така над 80 проценти од возилата ќе добијат жолта или црвена лепенка.
Транспортот не е главен загадувач на воздухот во градовите
Даме Димитровски, професор на Машински факултет и раководител на Лабораторија за мотори и горива, смета дека најавените еколошки лепенки се поединечни мерки и заедно со дополнителни мерки за главните загадувачи ќе може да ја подобрат климата во градот.
– Треба да се воведе систем на транспорт што е соодветен на модерен град. Таков склоп на мерки со вакви лепенки може да придонесе за подобрување на сликата од загадување од транспорт. Транспортот не е главен фактор за цврсти честички ниту во Скопје ниту во другите градови. Особено не модерниот транспорт каде што Еуро 4, 5 или 6 има многу ниска емисија на цврсти честички, имаат активен филтер, имаат издувна гранка што чини речиси повеќе од возилото, во која сѐ што се прави како издувна емисија пробуваат да ја намалат. Многу поголеми загадувачи се оние што биле произведени пред да се воспостават еуро-нормите, отколку оние што стигнале да имаат Еуро 4, 5 или 6. Напоменувам дека нивото на цврсти честички во градот ќе се промени кога ќе работиме на главните загадувачи на цврсти честички, а делот со транспортот ќе ни подобри понатаму да имаме уште подобар воздух, вели Димитровски.
Посочува дека секое загадување што се појавило од прекумерен транспорт се мери со количество азотни оксиди во околината на булеварот или улицата каде што се одвива транспортот, што во случајот на Скопје азотните оксиди не се критичен загадувач никаде и оттаму може да заклучиме дека транспортот не е доминантен загадувач.
Дизел-возилата се главен извор на цврсти честички на емисиите во транспортот
Според професорот Димитровски, емисиите од цврсти честички во транспортот треба да ги решаваме кај дизел-возилата, кај тие со големи мотори и голема километража, бидејќи ако зборуваме за цврсти честички од сообраќајот, тогаш тие доминантно доаѓаат од дизелот, а многу помалку од возила што користат бензин, додека, пак, возилата што користат гас се сметаат дека имаат речиси нула емисија на цврсти честички.
– Емисија од издув на возило што користи метан се смета дека е нула цврсти честички. Други компоненти има, но тие не се критични во моментот во воздухот во Скопје. Од дизел-возилата критични се или големите автобуси и камиони што имаат големи мотори или оние што поминуваат голема километража, како разни превозници, комбиња или таксисти. Многу логично е на нив да се посветиме, истакнува Димитровски.
Нагласува дека кога зборуваме кој колку загадува, клучни се и мерните методи со кои се мери загадувањето.
– Мерењето оди по европски циклус кај нас и тој бара возилото да биде поставено на мерна станица, да се извози или да се симулира европскиот циклус и да се провери колкава е емисијата на сите компоненти, па и на цврсти честички. Не сум убеден дека секогаш тоа ќе може да се направи на техничките прегледи, туку ќе мора да се направи друга постапка во која ние ќе проверуваме дали емисијата што сме ја измериле е блиску до тоа што е напишано во сообраќајната дозвола. Сигурен сум дека постојат примери на возила што се купени пред 10-15 години како Еуро 2, 3 или 4, кај кои поради лошото одржување, немарноста или немањето финансиски средства емисијата повеќе не им е во рангот кога се купени и падната е едно или две нивоа подолу. Тоа е проблем со кој треба да се соочиме, ако ги оценуваме возилата според сообраќајната дозвола, вели Димитровски.
Европа го забранува дизелот, во Македонија слободен увоз на Еуро 4
Европската комисија неодамна објави дека стравува оти германските производители на автомобили ќе се обидат да извезуваат стари дизел-автомобили, отстранети од германски патишта, во земјите од Источна Европа.
Според европскиот комесар за индустрија Елзбјета Бенковска, извозот ќе значи префрлање на проблемите со квалитетот на воздухот од запад кон исток. Бугарија, на пример, минатата година увезла повеќе од 100.000 користени автомобили од земјите на ЕУ, од кои повеќе од една третина од дизел, посочи таа.
Постојната законска регулатива во Македонија дозволува увоз на сите возила што го исполнуваат стандардот Еуро 4, без разлика на погонското гориво и реалното ниво на емисија на штетни гасови.
Според податоците на МАКСтат базата во 2010 година, кога во март беше дозволен увозот на половни возила, вкупната бројка на возила достигнува 310 илјади, со просечна старост од 16,3 години, додека 71,6 отсто од возилата биле постари од десет години. Во следните години овие бројки само се зголемуваат, па во 2013 година бројот на возила е зголемен и изнесува 347 илјади со просечна старост од 17,2 години.
Според последните анализи на Царинската управа на Македонија во земјава за првите девет месеци годинава, односно до 1 октомври се увезени вкупно 27.821 возило, од кои 21.069 се стари патнички автомобили, 183 употребувани товарни возила и тринаесет автобуси и минибуси.
Екологистите незадоволни од новите мерки
Претседателката на НВО Зелен институт, Наташа Амдију, смета дека е многу поважно да се размислува не само за категоризација на автомобилите како решение туку да се стимулира користењето јавен транспорт, односно системот на казни да се насочи кон големите загадувачи.
– Лепенките не ги гледам баш како мерка што многу ќе придонесе кон намалување на загадувањето, можеби само ќе ги спречи граѓаните кои се поранливи во нивното движење, односно вршење на секојдневните работи. Во секој случај мислам дека комбинирање на транспортот помеѓу повеќе лица, соседи и луѓе кои доаѓаат од исто место, доколку мора да користат автомобил, е исто така една мерка, вели Амдију.
Нагласува дека и сите ние како граѓани мора да бидеме свесни кога и колку ќе користиме возила и да размислуваме повеќе и почесто да користиме алтернативен и јавен транспорт.
Ново на Сител
-
Најзагадениот град во светот ги полни амбулантите со пациенти
-
Врсничкото насилство е најчесто меѓу основците, оваа година стигнале 30 претставки до омбудсманот
-
Хаос во јавните претпријатија во Скопје
-
Тутунарите бараат просечна цена од 420 ден. за кг., денеска од 305 ваги работат само 19, тутун не се предава
-
Стартува амандманската расправа за буџетот - Поднесени над 300 амандмани од опозициски партии
-
Ќе растат платите на здравствените работници - Премиерот и синдикатот потпишаа договор
-
Продолжуваат преговорите со банките за кредитите за стопанството
-
Николовски: Изградбата на Коридорот 10 е приоритет и покрај обидите на Бугарија да ја заобиколи Македонија